Според неговото сведоштво за МКД.мк, како и исказите на сведоците што присуствувале на незгодата, инцидентот се случил пред околу три месеци, кога управувал мотор, а во еден момент бил нападнат и бркан од неколку кучиња скитници.
„Возев регуларно кога одеднаш почнаа да трчаат по мене и да лаат. Ме фати паника и во обид да ги избегнам, да не ги прегазам, а и да не ме искасаат, удрив во паркирани автомобили и паднав. Се повредив, моторот беше оштетен. Дојде полиција, направија увид, имаше и сведоци што дадоа изјави“, вели тој, а сведоците од маалото истакнуваат дека проблемот со кучињата трае со години.
Целата лева страна на телото му била повредена, па по незгодата побарал лекарска помош и поседува целосна медицинска документација за повредите, во која МКД.мк имаше увид, како и докази за настанот. Но клучниот документ — полицискиот записник — сè уште не го добил.
Без него, вели, не може да преземе понатамошни правни чекори.
„Дечко, знаеш каква ни е државата“
„Адвокатот ми кажа дека ако сакам да барам отштета, мора да го имам записникот. Поминаа три месеци и ништо. Кога се јавувам да прашам, нема конкретен одговор кога ќе биде готов, дури се и нервозни и дрски. Сите ми велат да бидам среќен ако го добијам за шест месеци“, ни вели соговорникот.
„Но најневеројатно ми беше кога еден од полицајците во обид да го оправда доцнењето ми рече ‘Дечко, знаеш каква ни е државата’. Како тој да не е претставник на истата држава.“
Ова отвора сериозно прашање: како граѓанин да бара правна заштита ако административниот систем со месеци го држи во место?
Во случаите каде што се разгледува можна одговорност на институција — било општина, јавно претпријатие или друга надлежна служба — времето не е безначајна категорија. Доказите стареат, постапките се одолжуваат, а граѓанинот останува во правен вакуум.
Особено затоа што во конкретниот случај не станува збор за настан без трага. Има полициски увид, има сведоци, има медицинска документација. Прашањето е: зошто тогаш еден основен службен документ ни по три месеци не може да стигне до граѓанинот?
Проблемот, според искуствата што ги споделуваат и други граѓани, очигледно не е изолиран.
„Ако е вистина дека за ваков документ се чека со месеци, тогаш не зборуваме за административно доцнење, туку за систем што индиректно го оневозможува пристапот до правдата“, коментира правниот соговорник со кого разговаравме неофицијално.
Дополнително прашање е и кој ја сноси одговорноста кога некој граѓанин ќе биде повреден во обид да избегне опасност на јавна површина.
Во Македонија веќе постои судска практика со која граѓани добивале отштета за напади од кучиња скитници (според нашите соговорници, постои и тарифа: 800 до 1.000 евра од угриз), бидејќи контролата на бездомните животни не е приватен, туку јавен проблем и законска обврска на надлежните институции. Ако некој биде повреден затоа што на јавна површина бил нападнат или принуден да избегнува кучиња скитници, прашањето за одговорноста не е апстрактно. Но апсурдот е што пред воопшто да стигне до суд, граѓанинот може со месеци да остане заглавен чекајќи документ од друга институција.
„Континуирано се преземаат активности за подобрување на ефикасноста на постапките“
МКД.мк побара одговор од Министерството за внатрешни работи колку изнесува просечниот рок за издавање записник од сообраќајна незгода и дали е вообичаено граѓаните со месеци да чекаат за документ без кој не можат да остварат понатамошна правна заштита.
„Роковите за постапување зависат од видот и сложеноста на сообраќајната незгода, како и од потребата од дополнителни вештачења, прибирање докази и координација со надлежните институции“, добивме одговор.
„Законската регулатива не предвидува рокови за изготвување на записниците. Во пракса записниците за сообраќајни незгоди без потешки последици најчесто се изготвуваат во период од неколку недели до неколку месеци. Во случаи кога има потешки телесни повреди, загинати лица или се води дополнителна истражна постапка, изготвувањето може да биде подолго.
Надлежните служби постапуваат согласно законските процедури и вложуваат напори документацијата да биде издадена во најкраток временски период. Сепак, поради обемот на предмети, кадровските и техничките капацитети, како и сложеноста на одделни случаи, можно е одредени постапки да траат подолго.
Свесни сме дека записникот е значаен документ за остварување на правата на граѓаните пред осигурителни компании и други институции, поради што континуирано се преземаат активности за подобрување на ефикасноста на постапките“, ни одговорија од МВР.
Дали институциите ја спречуваат опасноста што се должни да ја контролираат?
Случајот повторно го отвора и хроничниот проблем со кучињата скитници, за кој со години многу се зборува, а малку се прави, но кој за многу граѓани останува реална секојдневна опасност. Нападите врз пешаци, велосипедисти, па и моторџии не се изолирани инциденти, туку проблем за кој редовно има сведоштва, снимки и поплаки.
Особено ризични се ситуациите кога животните не напаѓаат директно, туку со бркање и агресивно однесување предизвикуваат паника и опасни реакции во сообраќајот, со потенцијално тешки последици не само за лицето што се обидува да избегне напад или прегазување, туку и за други учесници во сообраќајот. Во секој случај, правното прашање е дали институциите ја спречиле опасноста што биле должни да ја контролираат.
Тука е и Законот за заштита и благосостојба на животните, кој им наметнува обврски на општините и Град Скопје за контрола на популацијата на бездомни кучиња преку организирано заловување и третман, па ако некој пропуст во таа обврска довел до штета, можно е да се отвори прашање на одговорност.
И покрај многубројните ветувања, јавноста сè уште не гледа системско и трајно решение за еден проблем што одамна излезе од рамките на комуналните прашања и стана прашање на јавната безбедност.
А.Д.






