петок, 22 мај 2026

Политико: Путин го ослабува Мерц и ја зајакнува германската проруска крајна десница

Кремљ ги засили напорите за забрзување на падот на германскиот канцелар Фридрих Мерц, чија популарност во земјата опаѓа, и за зајакнување на растечките проруски сили во германската крајна десница, пишува бриселскиот портал Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Рускиот претседател Владимир Путин се обидува да го поткопа Мерц, еден од најголемите поддржувачи на Украина и затоа еден од неговите главни стратешки противници, и го удира кога е најслаб, со кампањи за влијание и хибридни напади, пишува порталот.

Економијата на Германија е во криза, нејзината центристичка владејачка коалиција е ослабена, а анкетите покажуваат дека крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) води на клучните избори во две источногермански покраини, каде што се очекува да обезбеди историски победи и каде што би можела да формира и власт за прв пат.

Крис Шуленбург, пратеник на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Мерц во Саксонија-Анхалт, една од двете источногермански покраини каде што изборите ќе се одржат во септември, рече дека Русија „бара партнери во Европа што може да ги користи за свои цели“.

„Целта, секако, е АфД да дојде на власт во блиска иднина – или на покраински избори или на следните федерални избори. Тоа би ѝ дало на Русија стратешки партнер во Германија, а со тоа и упориште во Европа“, рече Шуленбург.

Путин го засили притисокот врз Мерц во последните недели. Рускиот лидер врши притисок и отворено – со суспендирање на испораката на казахстанска нафта во источна Германија преку руски нафтовод – и посуптилно – со обид да го подели германското јавно мислење предлагајќи го поранешниот канцелар Герхард Шредер, кој е про-Кремљ, како потенцијален преговарач во мировниот процес во Украина, објави Политико.

Покрај тоа, еден од советниците на Путин ги покани политичарите од АфД да присуствуваат на годишниот економски форум во Санкт Петербург, кој го организира рускиот претседател.

Стратегијата на Путин, проценува бриселскиот портал, е да ги искористи реалните и растечките политички слабости на Мерц, особено кога станува збор за незадоволството на Германците од економијата, и да ги влоши поделбите околу воената поддршка на Германија за Украина.

За таа цел, се наведува дека пропагандната машинерија на Кремљ го претставува Мерц како неефикасен и дистанциран, а неговото одбивање да ги обнови енергетските врски со Русија како економско самоубиство.

Москва ги претставува конзервативците на Мерц како безмилосни подбуцнувачи на војна поради нивната поддршка за Украина и поради нивното одбивање да преговараат со Путин за прекин на војната, пишува Политико.

Многу од овие наративи особено силно резонираат во поранешна Источна Германија, каде што јавноста е понаклонета кон Русија отколку во другите делови од земјата.

Аналитичарите очекуваат мрежите поддржани од Кремљ да ги интензивираат онлајн кампањите за влијание со приближување до регионалните избори во септември.

Стефан Мајстер, експерт за Русија во Германскиот совет за надворешни односи, рече дека Кремљ ги гледа изборите во источна Германија како можност „масовно да ја ослабне Германија, а особено сегашната влада“.

„Ако има едно нешто во кое Русите се добри, тоа е идентификување на слабостите на противниците и нивно искористување. А источна Германија е, така да се каже, една од најранливите точки за федералната влада и за способноста на Германија да дејствува, бидејќи во суштина е влезна точка за АфД да дојде на власт“, ​​рече Мајстер.

Кремљ тврди дека Мерц и неговата коалиција се пречка за мирот во Европа и просперитетот во Германија и дека решението е влада на германската крајна десница.

Ова помага да се објасни зошто Путин се обидува да се прикаже како лидер кој е подготвен да соработува со Германија, но само ако во Берлин има влада која е подготвена да соработува со него.

Лидерката на АфД, Алис Вајдел, оваа недела посочи дека Украина претставува закана за Германија, а не Русија, и рече дека нејзината партија е подготвена да разговара за мир со Путин.

„Веруваме дека украинското војување е апсолутно катастрофално и претставува огромен безбедносен ризик за Германија. Германска влада предводена од АфД ќе се залага за мир со Русија, за помирување и дијалог“, рече Вајдел.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ