петок, 22 мај 2026

1.800 здравствени рабoтници побаруваат повеќе од 2 милиони евра за дежурства и за бонуси

Повеќе од 1.800 вработени во јавното здравство поднеле тужби против здравствените установи во кои работат, а вкупната вредност на побарувањата достигнала околу 2,18 милиони евра. Од Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) велат дека тужби се поднесени во 62 од вкупно 108 јавни здравствени установи во државата.

Објавено на

часот

Сподели

Директорот на ФЗО, Сашо Клековски, изјави дека најголем дел од тужбите се поврзани со неисплатени додатоци на плата – за прекувремена работа, ноќни смени, работа за викенди и празници, бонус плати и јубилејни награди.

„Тужбите претежно произлегуваат од проблеми во примената на Законот за работните односи и колективните договори. Реалниот финансиски товар врз јавното здравство може да биде значително повисок, бидејќи голем дел од постапките сè уште не се завршени“, рече Клековски.

Највисок износ на тужбени барања има Клиничката болница – Битолa со 16,8 милиони денари, додека болницата во Куманово има најмногу тужители – дури 317 вработени.

Од ФЗО предупредуваат дека бројот на тужби може дополнително да расте. Како пример беше посочен Јавниот центар Кратово, каде се најавени уште околу 65 нови тужби во текот на 2026 година, со побарувања од над 3,5 милиони денари.

Фондот денеска ја презентираше и анализата за платите во јавното здравство, која опфаќа 18.872 вработени во 12 типа здравствени установи за декември 2025 година. Според податоците, просечната вкупна нето-плата во јавното здравство изнесувала 50.039 денари, додека просечната основна плата била 37.660 денари.

Најголем удел на додатоци во платите имале установите што работат во непрекинат 24-часовен режим.

„Универзитетската клиника за државна кардиохирургија има 40,66 проценти удел на додатоци, Клиничка болница Штип 37,83 проценти, а Институтот за радиологија 37,67 проценти. Од друга страна, превентивните установи и поликлиниките имаат многу помал удел бидејќи работат без дежурства“, рече Клековски.

Тој откри дека Министерството за здравство веќе формирало работна група заедно со ФЗО и синдикатите, со цел да се расчистат нејаснотиите околу исплатата на додатоците и да се намали бројот на судски спорови.

„Наш став е дека сè што им следува на вработените треба да биде исплатено, но не смеат да се оставаат сиви зони за неетичко постапување“, нагласи директорот на ФЗО.

Меѓу препораките што беа посочени се побрза исплата на правосилните пресуди за да не растат каматите, централен регистар за следење на судските предмети и зајакнување на правните служби во болниците каде има најмногу тужби.

Клековски информираше дека во однос на кадровската екипираност на јавните здравствени установи најкритична е состојбата со анестезиолозите, кои, како што рече, „речиси ги нема“. Тој информираше дека со одлука на Владата добил четиригодишен мандат како директор на ФЗО, додека за заменик-директор е назначен Седат Бислими.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ