Вучиќ за РТС изјави дека кон Фон дер Лаен „чувствува почит бидејќи таа секогаш покажувала почит кон Србија“ и додаде дека не би одел на самитот „ако тоа го барал некој друг“.
„Како што не одев ниту на последните два самита на Европската политичка заедница бидејќи не знам која би била смислата, за што да разговарам, за владеење на правото, каде што ми објаснуваат дека сме тепале блокадери на локалните избори“, рече Вучиќ.
Говорејќи за односите со Црна Гора, Вучиќ рече дека црногорските функционери „секој ден ја обвинуваат“ Србија дека се меша во внатрешните работи на таа земја, а дека тој „се обидува да избега од таа тема и да се тргне од тоа“.
„Вие ја славите независноста, ние не ја славиме вашата независност. Ние не сакавме распаѓање на заедничката држава, но тоа ни го приредија политичари и од Црна Гора и од Србија“, додаде Вучиќ.
За односите со соседните земји, Вучиќ рече дека Србија има „исклучителни односи“ и со Бугарите и со Романците, а добри со Македонија, и изрази уверување дека „ќе продолжи да има добри односи со Унгарија“.
„Се трудиме да имаме најдобри можни односи со политичко Сараево и вложуваме многу енергија во тоа, а со Хрватска еден ден ќе мора да имаме подобри односи и верувам дека ќе ги имаме. Но тоа не е баш сосема едноставно, кога некој не ви дозволува да одите во Јасеновац да положите цвеќе, кога бараат од Израелците да не го споменуваат Јасеновац“, наведе претседателот на Србија.
Вучиќ рече и дека во текот на летото ќе ја изненади јавноста со големи проекти што Србија ќе ги работи со Американците.
„Сè уште ништо не е завршено, но разговараме за проекти вредни десетици милијарди долари“, додаде Вучиќ.






