петок, 22 мај 2026
Ристо Цицонков

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Прва конференција за транзиција од фосилни горива

Согорувањето на фосилните горива (нафта, гас и јаглен) е главна причина за настанувањето на климатските промени и затоа тие горива треба да се отстранат од употреба. Но ова е незамисливо да се направи во догледно време бидејќи светот денес не може да функционира без енергија, а таа најмногу се добива од фосилните горива. Впрочем, гледаме во последниве месеци какво влијание имаат нафтата и гасот заради војната во Персискиот Залив, постои светска енергетска криза која предизвикува и економска криза, се заострува геополитичката ситуација во светот, а тоа создава неизвесност во светски размери.

Во 1992 година е донесена Рамковната конвенција на Обединатите нации за климатски промени (UNFCCC) во чии рамки секоја година Обединетите нации (ОН) организираат т.н. Конференција на страните (СОР) со цел борба против климатските промени. Треба да се истакне Парискиот договор (2015 г.) со кој е поставена цел за ограничување на глобалното просечно покачување на температурата под 1,5°C до 2100 година. Според овој договор секоја земја треба до ОН да поднесува документ наречен „Национално определени придонеси“ (Nationally determined contributions) и тоа на секои пет години. Во него треба да има извештај за состојбата, особено за емисиите на стакленички гасови, како и планови за нивно намалување. Така, во цел свет се вложуваат напори за намалување на емисиите, особено на јаглерод-диоксид (СО2), а тоа се прави со т.н. „зелена транзиција“ така што употребата на фосилни горива се заменува со обновливи извори на енергија (ОИЕ) и зголемување на енергетската ефикасност. Но оваа транзиција оди многу тешко бидејќи светскиот поредок (капитализам) е таков што главна цел е како да се оствари поголем профит.

На годишните конференции за климатски промени (СОР) има обиди да се донесат мерки за постепено исфрлање од употреба на фосилните горива, но тие обиди се неуспешни бидејќи има противници кои се финансиски и политички многу моќни. Тоа се големите нафтени компании, но и политичарите на земјите производители и извозници на фосилни горива. Тие не дозволуваат во документите на климатските конференции ниту да се спомне штетното дејство на фосилните горива, ниту нивното исфрлање од употреба. Тука треба да се каже за одлуката на САД да се повлечат од Парискиот договор, а претседателот Доналд Трамп ги нарече климатските промени дека се голема измама. Тој ги укина сите мерки за борба против климатските промени, ги укина сите рестрикции кон фосилните горива. Уште повеќе, се залага за давање субвенции за нивно поголемо производство. Овој однос на САД го користат други земји како изговор за нивното производство на фосилни горива, така што во светот моментално постои конфузија во борбата против климатските промени.

Одреден број на совесни земји на оваа тема одржаа прва Конференција за транзиција од фосилни горива (Transitioning Away from Fossil Fuels – TAFF), во градот Санта Марта (Колумбија), на крајот на април 2026 година. Присуствувале делегати од 57 земји, од кои 27 биле претставени од министри или амбасадори, како и 1.500 претставници на граѓански организации. Ко-организатор била Холандија.

Се воделе дискусии за наоѓање на конкретни решенија за крај на влијанието на фосилните горива врз економиите, правните рамки и енергетските системи. Битна задача е да се преземат значителни чекори за намалување на побарувачката за фосилни горива и промовирање на праведна транзиција. Учесниците се залагаат и за унапредување на соработката за конкретни решенија на државите, научниците, невладини и други организации. Предложено е да се формира т.н. Панел за глобална енергетска транзиција, предводен од научници.

Оваа конференција се одржа бидејќи на претходните конференции за климатски промени одржани под покровителство на ОН не беа исполнети барањата за постепена транзиција од фосилни горива кон ОИЕ.

Молчењето околу улогата на фосилните горива во климатската криза треба да премине во гласен повик до целата меѓународна јавност. На прв поглед ова изгледа дека може лесно да се спроведува, но не е така. Како пример ќе ја спомнам Европската Унија која е можеби најнапредна во однос на мерките и политиките во борбата против климатските промени. Заради заштита на своите економски интереси (ниски царини) ЕУ нема упатено ниту една забелешка на однесувањето на САД во однос на големата потрошувачка, производство и извоз на нафта и гас. Не само тоа, таа ги увезува во големи количини од САД.

Се поставува прашање дали со одржување на оваа Конференција за транзиција од фосилни горива започна процес способен да ја промени глобалната политика на производство и потрошувачка на фосилни горива? Во секој случај, успех е што собирот воопшто се одржа, што релативно голема група на земји се осмелија да тропнат на врата која некои други не сакаат да ја отворат за да почнат конкретни разговори за политички и економски промени, а со цел постепено да се дојде до крај на употребата на фосилните горива.

Преовладувачкиот наратив од оваа конференција е дека транзицијата од фосилни горива е во тек и дека е неизбежна. Од земјите зависи дали ќе дејствуваат во таа насока, дали ќе се приклучат на оваа иницијатива или ќе бидат оставени зад грбот на помоќните за кои најважен е профитот. Закажана е втора Конференција за транзиција од фосилни горива (TAFF) што ќе се одржи следната година во Тувалу, мала островска држава во Тихиот Океан, а ко-организатор е Ирска.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор

Машински факултет – Скопје

КОЛУМНИ

Радован М. Спиридонов

Републиката загубена во превод

Александар Иванов

Архитектура на балканската трагедија: Туѓи наративи, киднапирани институции и единствениот излез

Братислав Димитров

Не паркирај, бушам гуми

Ѓoрѓи Илиевски

Обесправени студенти на Филозофскиoт факултет

Aнита Гибсон

Трамп во Пекинг

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ