петок, 22 мај 2026

Ѓорѓиевски најавува целосна трансформација на Скопје

Трансформација на Скопје што ќе остави траен белег и ќе го трасира патот за натамошен развој на градот, на неговите културни споменици и обележја, како Калето, акведуктот, зградата на „Пошта“ и парковите – најавува градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во пресрет на 2028 година кога Скопје ќе биде европска престолнина на културата. Експертите, пак, порачуваат да се создаде нова динамика во Скопје со културното наследство што го имаме и културата да се реафирмира – да се извлече од периферијата каде што моменто се наоѓа.

Објавено на

часот

Сподели

Пред дебатата „Скопје – европски град на културата 2028: Културното наследство и современата културна динамика“, Ѓорѓиевски информира дека веќе има листа на активности што ќе се реализираат во насока на предвидената културна трансформација, но целиот процес, напомена, мора да биде инклузивен, да ги вклучи сите фактори: академската заедница, институциите, младите, експертите…, никако не смее да се прави зад затворени врати или малкумина да одлучуваат.

Според градоначалникот, културното наследство е жив ресурс што треба да го искористиме, а во процесот на трансформација, наместо како Европа ќе гледа на нас, треба да се фокусираме на тоа како ние сакаме Европа да гледа на нашиот главен град и во што ние, преку оваа трансформација, треба да се претвориме.

 

„Европски град на културата не е титула во која Орце е важен или титула во која се важни Советот или кој било поединец, туку е титула исклучително значајна за главниот град, но и за државата воопшто. И 2028 година ќе помине, но тоа треба да биде момент што ќе го трасира патот на Скопје и начинот на кој градот ќе се развива и ќе живее следните години“, истакна Ѓорѓиевски.

На скопското Кале и кај акведуктот е предвидена изградба на летни сцени, а зградата на „Пошта“ ќе биде простор за дружење на младите.

„Културното наследство изминатите години, за жал, беше тргнато настрана. Ние, во соработка со Министрството за култура, почнавме да ги преземаме документациите за да бидеме целосно подготвени пред почетокот на трансформацијата на некои од нашите културни споменици и обележја, како скопското Кале. Знаете дека требаше да се промени власта на Град Скопје за да биде искосено, да се поправат патеките, влезот да биде допадлив за скопјани, а потоа и за туристите. Таму не е сменета урбана опрема десетина години. Сето тоа треба да го опфатиме со активностите. Предвидуваме на Калето да има постојано културни настани и да биде поставена една од летните сцени. Имаме во нашиот буџет средства да го почнеме процесот. Верувам дека набргу, кога целосно ќе ни биде дадено владението од Владата, ќе го почнеме овој процес. Акведуктот со години важи за една од поголемите депонии, но и тој ќе помине низ фаза на трансфромација. Обезбеден е грант за партерно уредување и тука исто така се планира изградба на летна сцена и облагородување на просторот. Европски град на културата не е титутла во која Орце е важен, ниту е титула во која е важен Советот или кој било поединец, ова е титула која е многу важна за градот, но и за државата, и не смеeме да дозволиме какви било пропусти. И, да, 2028 година ќе помине, верувам дека ќе имаме успешна организација, преубави настани, инклузивен процес, но тоа треба да биде момент што ќе го трасира патот на главниот град и начинот на кој ќе се развива, како ќе живее следните години“, истакна градоначалникот.

Професорката Милева Ѓуровска, претседател на Европското движење во Македонија, е децидна дека Скопје има што да претстави како европска вредност.

 

„Скопје се претстави во оваа кандидатура како град на различностите, град во кој се пресретнуваат разни култури. Разни цивилизациски слоеви имаме во нашиот град, кои исто така може да ги претставиме како европска вредност зашто Европа и самата е една голема културна меморија во која слоевите на култура се зачувани. Исто така, и кај нас тие постојат, тие се зачувани и ние треба да ги претставиме заедно со онаа динамика што ја имаме денес во градот, да видиме колку ова културно наследство што го имаме како слоеви ќе придонесе да создадеме една нова динамика, движење. Овие три години имаме простор да поработиме сите заедно на овој план, да создадеме динамика за да ја реафирмираме културата во нашата средина, да ја извлечеме од периферијата каде што е зашто таа е многу важна. Таа е оној медиум со кој општеството комуницира, преку кој државата комуницира со граѓаните, што е многу важно да се каже. Нашата култура навистина треба да ја извлечеме од местото каде што е сега и да ѝ дадеме многу поголемо значење оти културата е таа што поврзува. Политиката е друга сфера, но и таа станува облагородена преку културата “, посочи професорката.

На дебатата, замислена како неформален разговор со разни фактори во областа на културата, свои идеи споделуваат културни работници и универзитетски професори од разни области – архитектура, социологија, историја на уметност, музичка уметност…

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ