петок, 22 мај 2026

„Здрава котлина“ обвинува, Иловица се турка со лаги, лобисти и политичка заштита

Зад кампањата за отворање рудници во Југоисточна Македонија стојат странски бизнис интереси, локални функционери и платена пропаганда, тврдат активистите на „Зелена котлина“. Во денеска упатеното писмо до јавноста меѓу другото се наведува дека „во последниот период се води добро финансирана хајка за создавање позитивна клима за потенцијалните рудници, при што дел од медиумите и порталите шират невистини и фабрикувани информации во корист на рударските компании“. Од „Здрава котлина“ бараат итно одземање на концесијата на компанијата Еуромакс.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Од „Здрава котлина“ тврдат дека одредени медиуми објавиле целосно фабрикувана реакција на Македонската академија за наули и уметности (МАНУ), претставувајќи ја лажно како институционална поддршка за отворање на рудниците Иловица и Плавица.

„Тоа е свесна лага, конструирана за да создаде впечаток на научен консензус кој не постои“, велат од „Здрава котлина“.

Во контекст на Стратегијата за рударство, од здружението се повикуваат на изјава на академикот Блажо Боев, кој, според реакцијата, на јавна сесија на Технолошко-металуршкиот факултет посочил дека стратегијата сè уште не е финализирана и дека постојат сериозни правни, еколошки и економски дилеми околу проектот Иловица.

„Не може со лобирање да се вметнува произволно интерес без задоволување на суштината на јавниот интерес и критерумите кои важат за сите останати. Финалната верзија на стратегијата сè уште не е јавно презентирана ниту усвоена. Значи, нема документ, нема одлука, нема основа. Значи, има само лага пласирана за пари Прашањето не е само кој ги напишал лагите — туку кој платил да се напишат“, прашуваат од „Здрава котлина“.

За здужението нема дилеми дека законот е јасен и нема простор за интерпретација. оттаму потсетуваат дека концесијата на Еуромакс е издадена во 2012 година, а законскиот максимален рок за добивање дозвола за експлоатација е четири години.

„Во 2026 година, четиринаесет години подоцна, таа дозвола сè уште не постои што директно е дефинирана причина за одземање на концесиите!  Тоа не е административен пропуст. Тоа е систематско заобиколување на законот, одржувано со години со очигледна политичка заштита. Не е можно да се издаде дозвола за експолатација затоа што сѐ уште се заглавени на истите проблеми со еколошките студии, имотно-правните односи, водоснабдување, пренамена на земјиште итн. Оваа каша попара трае премногу време и Еуромакс ресурси не се од шарената крава па затоа мора веднаш да се постапи по законот и да им се одземаат концесиите!“, категорични се од „Здрава котлина“.

Поради ова, активистите бараат од ресорната министерка Сања Божиновска, веднаш да ги одземе концесиите согласно Законот за минерални суровини.

„Доколку тоа не го стори, ќе следат кривични пријави против неа лично и против сите функционери кои свесно го толерирале ова незаконско задржување на концесии. Нема имунитет. Нема заборавање, нема никаква правна основа за одоговлекување на веќе 10 години толеранција надвор од законите. Овој пат нема застарување, а ОЈО ГОКК можеби веќе е во некаква постапка за високо профилиран криминал. Замислете ако сите така почнат да одолговлекубаат за сите работи па и да си бираме кои закони да ги почитуваме, а кои закони не!“м најавуваат од здружението.

Тие го повикуваат и известувачот за Македонија во Европскиот параламент, Томас Вајц, да го документира секој чекор во наредните месеци, кој постапува, кој не постапува и зошто.

Зад лобирањето за Иловица-Штука, тврдат од „Здрава котлина“, стои бизнис интерес на Цоло Вутов — бугарски тајкун и руски академик, „кој во моментот активно се реструктурира за да воспостави соработка со постоечки руски капитал во активен рудник во Радовиш на само 30 километри од Струмица“.

„Целта е кристално јасна, создавање на масивен Струмичко-Радовишко рударски комплекс под странска финансиска контрола, прикриена преку Кајмански острови и разгранета мрежа на номинални сопственици. За таа цел им се потребни локални слуги. И ги имаат затоа што се заслепени па купуваат камиони за носење руда. Струмички бизнисмени и државни функционери, добро познати во локалните средини, активно учествуваат во оваа шема. Тие се мостот помеѓу рускиот капитал преку бугарски фирми и македонскиот политички систем. Тие играат оро со врхушките на партиите. Тие договараат и бараат да земат провизии. Тие мислат дека сето тоа нема да излезе на виделина и дека сите ние ќе дозволиме да ср труеме за нивните длабоки џебови“, велат од здружението.

Оттаму се категорични дека, не постои ниту едно технолошко решение во науката кое гарантира безбедност за таков тип рудник во густо населен регион како во Југоисточна Македонија.

„На секоја јавна дебата, научна сесија, телевизиско соочување и неформална средба, апсолутно никој не понуди конкретни одговори за еколошките и здравствените ризици. Мнозинството молчеле. Оние што зборувале — признале дека проектот е проблематичен и побарале да не ги третираме сите концесионери исто. Од МАР (асоцијација на рударите) имаа сличен став и затоа Еуромакс ресурси ги прозиваше да застанат позади нив. Граѓаните на референдуми, советите и општини, политичките партии, Црквата, медиумите — сите, без исклучок, едногласно се против. Ова не е апел не е молба. Ова е предупредување. Секој обид за притисок врз нас ќе резултира со уште поголем јавен притисок, посилен, пошироко координиран и поупорен. Нема да има мирен ден за оние кои свесно работат против интересите на народот. Рудници во изборна единица 4 нема да има!“, пишува во писмото до јавноста испратено од здружението „Здрава котлина“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ