Многу уреди трошат струја дури и кога не ги користиме, но некои можат да претставуваат сериозен ризик ако останат вклучени додека нема никој дома. Стручњаците предупредуваат дека некои апарати треба задолжително да се исклучуваат од приклучокот пред да се излезе од дома или да се оди на патување.
Едни од најопасните апарати се греалките и радијаторите. Доколку се остават вклучени без надзор, можат да предизвикаат прегревање и да го зголемат ризикот од пожар, особено ако се наоѓаат во близина на завеси, мебел или други запаливи материјали.
Полначите за телефони и лаптопи исто така не треба да се оставаат постојано вклучени во струја. Иако трошат мала количина на енергија, продолжената употреба може да доведе до прегревање или оштетување.
Кујнските апарати како што се тостери, бокали, апарати за кафе и микробранови печки се препорачува да се исклучуваат кога не се употребуваат. Краток спој или дефект на инсталациите може да предизвика сериозни проблеми.
Машините за перење и сушење алишта се меѓу апаратите што често остануваат вклучени по употреба, но експертите советуваат да ги исклучите од струја кога ќе излезете од дома, особено ако се работи за постари модели.
Телевизори, компјутери и продолжни кабли со повеќе приклучени уреди исто така можат непотребно да трошат струја во состојба на мирување, па затоа нивното исклучување може да придонесе и за пониска сметка за струја.
Покрај безбедноста, исклучувањето на уредите од струја може да го продолжи нивниот век на траење и да ја намали можноста за дефекти поради ненадејни промени на напонот.
Едноставната навика да ги проверите вашите уреди пред да излезете од дома може да ви помогне да избегнете непотребни трошоци и да ја зголемите безбедноста на домот.






