Во пресрет на последното коло во Втора македонска фудбалска лига, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, откри дека заинтересираниот инвеститор веќе бил во посета на клубот и се запознал со состојбата во Брегалница.
„Веќе интензивно комуницираме со заинтересираниот спонзор, кој веќе ги има посетено Брегалница и Штип. Тој е информиран за сè во клубот. Разговараме во насока во носење одлука на следната седница на Советот на Општина Штип за продажба на 51% од акциите на клубот. Јас верувам дека ова ќе се случи и дека ќе имаме еден вистински партнер кој ќе го трасира патот на Брегалница кон успеси во иднина. Но, прво да ја завршиме задачата оваа сезона и да го обезбедиме пласманот во ПМФЛ“, изјави Јорданов.
Брегалница викендов го игра последното коло од шампионатот, во кое против Победа ќе брка победа за и официјално да го потврди враќањето во елитното друштво.
Според шпекулациите, новиот сопственик доаѓа од Германија и веќе управува со еден фудбалски клуб, а неговото име се очекува да биде објавено следната седмица.






