петок, 22 мај 2026

Ѓорѓиевски: Ќе се реши проблемот со дивиот пешачки премин на Бит-пазар

Ќе се реши проблемот со дивиот пешачки премин на Бит-пазар – дециден е скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски. Како што изјави денеска, има само една алтернатива – или преминот да биде легален во согласност со законот и да се отстрани натпатникот за да се добие сообраќајно решение или натпатникот да стане функционален и да се затвори преминот. Ѓорѓиевски, кој денеска или за време на викендот ќе има средби со министерот за внатрешни работи и со градоначалникот Изет Меџити, порача дека врвен приоритет е безбедноста на граѓаните, а законите и правилата мора да важат еднакво за сите.

Објавено на

часот

Сподели

„Граѓаните сакаат ред во главниот град. Логично е да има одреден отпор, но јас и Градот постапуваме според законот. Јас сум многу упорен и решителен кога станува збор за почитување на законите и правилата, кои треба да важат еднакво за сите. Токму недовербата во институциите ги тераше младите да ја напуштаат државата. Ние треба да создадеме општество во кое сите ќе бидеме рамноправни. Не смее да има повластени – одредена група луѓе, на пример, независно дали се Македонци, Турци, Албанци, Власи… Ќе го решиме проблемот, ќе треба да помогнат и централните институции, нашите служби треба да имаат поддршка од МВР. Ќе разговоарам и со министерот и со градоначалникот Изет Меџити во текот на денешниот ден, во текот на викендов, и верувам дека ќе го решиме проблемот. До мене изминатиот период стигнаа повеќе од стотина барања од граѓани што се загрижени за својата безбедност. Мене, како татко на градот, врвен приоритет треба да ми биде безбедноста на граѓаните и тука нема компромис со никого“, изјави Ѓорѓиевски одговорајќи на новинарски прашања пред дебатата „Скопје – европски град на културата 2028: Културното наследство и современата културна динамика“.

Според него, за комоцијата на групата граѓани, кои вчера протестираа, е виновен системот што им дозволил така да функционираат.

„Нема да си дозволам да носам некого на душа. Таму во близина има факултет, минуваат дечиња и јас со сопургата и детето тука се движам. Знам како е да биде доведен животот во опасност. Секогаш човекот мене ми е на право место, сè друго е споредно – и политиката и парковите. Безбедноста на граѓаните е најважна“, потенцира градоначалникот.

Во врска со рушењето на дивоградбите и отстранувањето на привремените објекти, информира дека акцијата е во тек, а се очекува да биде засилена од септември зашто има многу решенија што ги подготвуваат општините.

„Знаете што се случи со дискотеките во паркот, кај лунапаркот, кој набргу ќе почне да се гради, со дел од објектите во Кисела Вода и Карпош. И тоа е тековна активност. Ние направивме соработка со речиси сите скопски општини, а одлуките поминаа и во скопските општини поединечно за да можеме да постапуваме. Се работи за процес, најпрвин се изготвува решение за отстранување, па тоа се потпишува и одобрува од локалниот градоначлник и потоа ние влегуваме, Град Скопје. Мислам дека ефектот е добар и активностите добро течат, а верувам дека од септември процесот ќе се засили зашто има многу решенија што ги подготвуваат општините“, објасни Ѓорѓиевски.

Во однос на поплаките на социјалните мрежи за ѓубрето во Скопје, Ѓорѓиевски е дециден дека градот сега, со промената на власта, е многу почист и повеќе среден.

„Ги повикувам медиумите да направиме обиколка, да видите дека во најголем дел станува збор за слики од минатото зашто некој сака да создаде таква перцепција. Одговорно тврдам дека состојбата не е таква. Градскиот парк никогаш не бил вака искосен и среден, со заменета урбана опрема. Нема полн контејнер, на булеварите исто. Јас работам со истата механизација што ја наследив, сè уште не е стигната новата, 40-ина камиони со поддршка на Владата. Над 800 луѓе, кои ги злоупотребуваа буџетите на јавните претпријатија, од кои најмногу во „Комунална хигиена“, се тргнати, а имаме многу почист и повеќе среден град и не можам да прифатам дека состојбата е иста. Работа на опозицијата е да критикува и го поздравувам тоа, треба да имаме коректори на власта, но Градот е транспарентен. Јас не владеам, туку управувам со Градот и ќе дадам сè од себе условите да бидат уште подобри“, посочи Ѓорѓиевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ