Од понеделник, први ноември 2021 година, граѓаните кои имаат потреба да достават документација, да подигнат веќе изготвена документација и слично, тоа ќе можат да го сторат и попладне. Новото работно време на Архивата на Општина Кисела Вода ќе биде од 08:00 до 20:00 часот.
„Ова е само првиот чекор во насока на подобрувањето на работењето на Архивата. Наскоро започнуваме со процесот на целосна дигитализација на сите услуги што ги дава Архивата, а потоа и Општината. Наша цел е на граѓанинот да му овозможиме од својот дом, по електронски пат да поднесува барања, да добива документи, да го следи процесот на решавање на неговиот предмет од денот на прием, па се до издавањето на конечниот документ. Дигитализацијата значи поедноставување на административните процедури и ќе им овозможи на граѓаните квалитетни, брзи и лесно достапни услуги, а Општина Кисела Вода ќе биде институција целосно во служба на своите жители“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.






