сабота, 23 мај 2026

Цаца Николовска: По Прибе, меѓународен мониторинг е можност за проверка на довербата во правосудството

Објавено на

часот

Сподели

„Когa станува збор за правосилни пресуди транспарентноста мора да биде обезбедена и за сѐ она што значи додека било во период на тајност па немало можност за увид. Но кога пресудата е правосилна и, ако таа се повикува и на спцеијални докази, мора да се има соодветен увид во тие докази. Од кој аспект некој ќе прави увид врз нив е ирелеванто во делот на она што значи оценување. Впрочем, било кој сега може таа правосилна пресудата да ја прочита и да создаде свое мислење за целиот случај. На хартија пресудата треба да содржи сѐ. Пресудата е огледало на сѐ што се случувало со предметот”, вели Цаца Николовска.

Во врска со дилемата зошто странски правни експерти, независно дали се избрани од Европската комисија, би ги разгледувале судските предмети и би носеле свој суд, односно коментар, како што велат Заев и Гаши, Цаца Николовска вели дека веќе голем број на пресуди се разгледувавни од страна на странски експерти. Таа додава дека голем број на правосилни пресуди отишле и пред Европскиот суд за човекови права и дека и таму се анализирани пресудите. Како што нагласува, по потреба може да се бара посебен увид во посебни ситуации и во посебни елементи во рамките на еден предмет.

„Друго е прашањето што ќе се случи по мониторитрањето на правосудниот систем, што пак ќе биде производ и врз база на донесени правосилни пресуди, без оглед дали биле или не пред Европскиот суд. Мониторирањето ќе биде во насока на квалитетот на одлуката, владеење на правото, во насока на тоа што значи транспрарентопст, фер постапка, дали од пресудата може да се изведат заклучоци дека сите стандарди на фер постапка биле исцрпени, секако и жалбите кои биле поднесувани можат да бидат мониторирани”, вели Цаца Николовска.

На прашањето што ќе се случи со некој од судските предмети за кои Владата ќе побара анализа преку странска помош, а за кои ќе биде напишан негативен коментар, таа нагласува дека тоа нема да значи и автоматско повторување на постапката.

„Повторување на постапка е друг инструмент, кој не мора да се примени иако вило извршено мониторирање или разгледување на некој предмет. Претпоставувам дека ова за што зборуваме, за дилемите по политичкиот договор меѓу двајца политичари, за што слушнавме и прочитуваме од медиумите и немаме други детали, дека е во насока на тоа правни експерти да ги видат пресудите и да дадат свое мислење. Но, пресудите и вака и така може да ги види секој”, нагласува таа во врска со дилемата зошто на странци би им биле дадени токму тие предмети.

Во врска со дилемите зошто покрај предмети со правосилни пресуди меѓународни експерти би имале увид и во завршени истраги, Цаца Николовска потсетува дека истрагите се тајни, но кога тие ќе бидат затворени, веќе не се тајна.

„Впрочем, во пресудатата треба да се најде тоа што било во истрагата. Утврдената фактичка состојба треба да се базира на докази. Доказите биле разгледувани во постапките и тие се дел од пресудата. Ако зборуваме за незавршена истрага, мора да се води сметка за тајноста, зашто тоа може да влијае потоа на постапката. Стандардите за фер постапка во секој случај мора да бидат во прв план. Друго е прашањето како е дојдено до доказите, а и тука има можност за увид, зашто Европскот суд може да ги цени тие стандарди. Има голем број на пресуди во кои тоа е обработено од аспект на фер постапка, владеење на право, како и за потребата од интервенција во едно општество во смисла на владеење на правото. Но повторно потсетувам, тоа не значи автоматско повторување на постапки. Ако Европскиот суд за човекови права утврди дека имало повреди во постапката и ако домашното правно средство дозволува повторување на постапка на барање на странките, тогаш и Европскиот суд може да го утврди тоа. Секако, повторување на постапката е можна и без мислење на Европскиот суд за човекови права, ако сакате и без мислење на меѓународни експерти за што зборуваме, зашто имало во минатото такво повторување на судски предмети”, нагласува поранешната судијка во Европскиот суд за човекови права.

На прашањето, дали сепак има слични примери кога друга земја бара странски мониторинг па и во врска со истраги, Цаца Николовска вели дека не може категорично да каже кога во прашање се одлуките на Луксембуршкот суд. Но, нагласува, и тој Суд ги застапува стандардите на фер постапување кои се дел од Европската конвенција за човекови права.

„Има многу пресуди кои го допираат ова прашање. Веројатно вашето прашање е повеќе насочено кон тоа кој и кога може да бара меѓународен мониторинг и кога тоа може да се направи. Во зависност од тоа, откако ќе биде завршен мониторингот, се дискутира во делот што да се изнесе и дали треба да се изнесе, доколку станува збор за таков тип на докази кои што бараат во одреден временски период да бидат ‘отворени’. Но, факт е дека доказите мора да им бидат дадени на увид на обвинетиот”, вели Цаца Николовска и потсетува дека евентуално оштетениот, врз основа на тој мониторинг, како инстанца го има Европскиот суд за човекови права, доколку е запазен рокот.

Во врска со истата дилема, таа нагласува дека кога станува збор за Македонија од аспект на правосудството, во рамки на Поглавје 23 низ процесот на мониторирање и оценување многу работи ќе треба да се отворат и да бидат предмет на анализа на одредени вештаци или странски експерти.

„Како ќе нѐ оценат? Преку пресуди, разговори, мониторирање, анализи, утврдување на факти, нешто слично како во Извештаите на Европската комисија. Така ќе биде и понатаму. Па нели го имаме примерот со Извештајот на Прибе? Тој извештај е изготвен врз база на негов увид во многу судски документи. И да, кога зборуваме за Поглавје 23, сите негативни наоди ќе бидат внесени. Клучното прашање ќе биде дали државата направила нешто за да ја смени и подобри ситуацијата.

Каква компензација би имале евентуално оштетените лица од некои судски предмети и дали тоа ќе повлече одговорност, Цаца Николовска вели дека компензација не може да се бара само врз основа на вакви наоди.

„Се разбира, има постапка. Битно е што ќе се утврди во таа фактичка состојба. А таа состобја ќе биде и ликот на нашето правосудство, ликот на државата. Ако при тоа мониторирање се даде коментар кој пак ќе значи дека имало катастрофални грешки во постапката, тогаш би имало и поширока одговорност. Кога јас би била член на Судскиот совет таквите наоди би ги имала предвид и за тоа би излегла и со моја оценка. А, државата ќе треба и да се произнесе и да каже дали е тоа така, како што го виделе странските правни експерти, или пак не. Секако, не може да биде закон за нас тоа што ќе го најдат меѓународните правни експерти”, нагласува Цаца Николовска.

Таа вели дека е факт оти многу состојби во земјава треба да се менуваат и реформираат. Меѓународниот мониторинг е можност за проверка на довербата во македонското правостудство и дали има ли аргументи за едно пошироко мислење кај граѓаните дека власта се меша во судските одлуки. Маргарита Цаца Николовска нагласува дека Владата не може да има одговорност, освен ако не се утврди дека вршела влијание или ако учествувала во некои ситуации во кои ги довела во прашање правната процедура, владеењето на правото, независноста и непристрансоста на судството.

П.Џамбазоски

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ