„Ова покажува дека постои силна посветеност на земјите-членки проширувањето да стане реалност што е можно поскоро. Многу е јасно дека проширувањето сега е геостратегиска инвестиција во нашиот просперитет, мир и безбедност“, изјави портпаролот на ЕК Гијом Мерсие на брифинг за медиумите.
Тој нагласи дека „пристапувањето на Украина во ЕУ е фундаментално поврзано со безбедноста на Унијата“, но додаде и дека „подеднакво е важно да се заврши процесот на проширување на ЕУ со сите земји-кандидатки кои работат на пристапување многу години“, додека „сите иновативни решенија треба да бидат водени и од процесот базиран на заслуги“.
„Гледајќи напред, мора да се осигураме дека нашиот пристап кон проширувањето е соодветен на целта, што значи и кога станува збор за неговата безбедносна димензија. Затоа Комисијата ќе продолжи активно да соработува со земјите-членки и земјите-кандидатки со цел да се најдат најдобрите решенија за да бидеме посилни како Унија и побезбедни“, кажа Мерсие. Кога станува збор за Западен Балкан, портпаролката на ЕК Паула Пињо кажа дека самитот на ЕУ и Западен Балкан, кој се одржува во првата недела од јуни, „ќе биде можност да се направи преглед на тоа каде сме во моментов“.
Мерсие не одговори дали идејата за асоцијативно членство во ЕУ е правно можна без измена на договорот и едногласно одобрување од земјите-членки. „Сè уште не сме во фаза на правна дискусија, туку политичка дискусија што треба да се одржи во рамките на Европскиот совет. Проширувањето е дискусија предводена од земјите-членки. Комисијата е таму за да го олесни процесот и да обезбеди експертиза, но прво ни е потребна политичка дискусија“, кажа тој. Пињо додаде дека „тоа е втората фаза“. „Со други зборови, ова е идеја што е изнесена, за која земјите-членки на крајот ќе разговараат, а потоа ќе се постави прашањето дали е правно одржлива, дали е можно или не“, кажа Пињо.






