петок, 22 мај 2026

Шефицата на американската Национална разузнавачка служба поднесе оставка

Тулси Габард соопшти денес дека поднесува оставка од функцијата директорка на Националната разузнавачка служба на претседателот Доналд Трамп, наведувајќи дека на нејзиниот сопруг му е дијагностицирана ретка форма на рак на коските и дека таа се повлекува од функцијата за да му помогне, објави Ројтерс.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Габард го информирала Трамп за својата намера да поднесе оставка за време на денешен состанок во Овалната канцеларија, претходно објави Фокс њуз диџитал. Оставката ќе стапи на сила на 30 јуни, се наведува.

Извор запознаен со ситуацијата кажал дека Габард била всушност принудена да ја напушти Белата куќа.

Во писмото за оставката објавено на мрежата Икс, Габард му порачала на Трамп дека е „длабоко благодарна за довербата што ја имал во неа и за можноста да ја води Канцеларијата на директорот на националната разузнавачка служба во изминатите година и пол“.

Како причина таа ја навела неодамнешната дијагноза на ретка форма на рак на коските на нејзиниот сопруг.

„Не можам со мирна совест да го замолам сам да се соочи со оваа борба додека јас продолжувам да ја извршувам оваа тешка и долготрајна работа“, напиша таа.

Во објава на неговата платформа Трут соушал Трамп кажа дека главниот заменик-директор на националното разузнавање Арон Лукас ќе биде вршител на должноста директор на националната разузнавачка служба.

Тој наведе дека Габард „завршила одлична работа“, но дека откако на нејзиниот сопруг му е дијагностициран рак на коските, „таа со право сака да биде покрај него и да му помогне да го врати здравјето додека заедно ја водат оваа тешка битка“.

Трамп претходно навестуваше за разлики меѓу него и Габард во нивниот пристап кон Иран, кажувајќи во март дека таа е „поблага“ од него кога станува збор за ограничувањето на нуклеарните амбиции на Техеран.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ