петок, 22 мај 2026

Брнабиќ за Политико: Не би рекла баш дека имаме братски односи со Русија

Претседателката на српскиот парламент Ана Брнабиќ денес во Прага изјави дека односите меѓу Србија и Русија не би ги нарекла братски и дека санкциите под кои беше Југославија во 1990-тите се единствената причина што Белград не воведе казнени мерки кон Москва.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во интервју за бриселскиот портал Политико, на маргините на меѓународната конференција Глобсек на која учествува, Брнабиќ кажа дека Србија е „целосно усогласена“ со Европската Унија во однос на вредностите и се спротивстави на изјавата дека владата на Александар Вучиќ одржува „братски односи“ со Москва.

„Не би рекла дека ова се братски односи. Нашиот претседател Вучиќ комуницира со претседателот (Владимир) Путин, но лидерите на некои земји-членки на ЕУ комуницираат и со неговата администрација. Некои лидери на ЕУ, како што е словачкиот премиер (Роберт) Фицо, беа и оваа година во Москва. А Вучиќ беше во Москва за 80-годишнината, за големата годишнина. Тој не беше во Москва оваа година“, кажа Брнабиќ.

Брнабиќ изјави дека Србија „јасно кажала“ дека нападот на Русија врз Украина е „чист чин на агресија и јасно кршење на меѓународното право“ и дека гласала за исклучување на Русија од Советот за човекови права на ОН.

„Светот гледа сè црно на бело, па затоа во Брисел ќе бидат изненадени кога ќе кажам дека ја осудивме руската агресија врз Украина и дека целосно го почитуваме територијалниот интегритет на Украина, бидејќи Украина го почитува територијалниот интегритет на Србија. Украина не го призна таканаречено Косово. Единствената причина зошто не воведовме санкции врз Русија е тоа што бевме под санкции во 1990-тите, нашиот народ не ги сака санкциите“, додаде Брнабиќ.

Таа кажа и дека Србија нема голема трговска размена со Русија и дека, на пример, има поголема трговска размена со Босна и Херцеговина.

„Значи, тоа (воведувањето санкции врз Русија) е сосема ирелевантно“, кажа Брнабиќ, членка на претседателството на владејачката Српска напредна партија (СНС).

Брнабиќ изјави дека европската интеграција е „стратегиски приоритет“ на Србија, но додаде дека „правилата на играта“ во тој процес се променети во споредба со 2014 година и оцени дека тоа „не е фер“.

„Правилата на играта се променети и мислам дека тоа не е фер, бидејќи кога целосно се придржувате кон заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, сте членка на ЕУ и имате целосна безбедност и заштита од ЕУ. Ние тоа го немаме. Секогаш кога има некаков хаос, на пример трговската војна меѓу САД и ЕУ, ние сме третирани како трета земја и се очекува од нас да се придржуваме 100 проценти (кон ЕУ). Мислам дека тоа не е фер. Тоа не е во наш национален интерес. Верувам дека ЕУ треба да го разбере тоа“, кажа Брнабиќ.

Кога беше замолена да коментира за тврдењата за репресија на демонстрантите од страна на српските власти во изминатите година и пол, Брнабиќ кажа дека полицијата се однесува построго на протестите во некои земји-членки на ЕУ.

„Ако ги погледнеме репресивните мерки што можат да се видат против демонстрантите во Холандија, Франција или Германија, дури и на пријавените протести, а имавме повеќе од 13.000 непријавени протести, не би рекла дека сме користеле мерки што можат да се споредат со она што го гледаме кај некои членки на ЕУ“, оцени Брнабиќ.

Брнабиќ ја наведе Албанија како пример, велејќи дека „никој не проговори ни збор“ поради неодамнешната употреба на солзавец и водени топови против демонстрантите во таа земја.

„А зошто е тоа така? Според мене, затоа што Албанија е 100 отсто усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. А потоа замижувате пред сè друго, додека во случајот со Србија, во суштина туркате лажни наративи и применувате различни стандарди“, додаде Брнабиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ