Меѓу присутните беа српскиот министер за одбрана Братислав Гашиќ, началникот на Генералштабот на оружените сили на Србија Милан Мојсиловиќ, заменик-помошникот генерален секретар на НАТО Кевин Хамилтон, командантот на Здружената команда на силите на НАТО во Неапол Џорџ Викоф, амбасадорите на земјите учеснички, претставници за одбрана, членови на колегиумот на министерот за одбрана и началникот на Генералштабот и команданти на единици на оружените сили на Србија.
Околу 600 припадници на оружените сили на Србија и оружените сили на Италија, Романија и Турција учествуваа на вежбата организирана од Командата на копнените сили и Командата на здружените сили од Неапол, со присуство на воени планери и набљудувачи од Британија, Италија, Германија, Романија, САД, Србија, Турција, Франција и Црна Гора.
Денес, учесниците на вежбата ја демонстрираа постапката во случај на напад на контролен пункт, медицинска евакуација, блокада и пребарување на теренот, извидување, борба во населено место, како и слетување со хеликоптер.
Шефот на вежбата, заменик-командантот на Третата бригада на Копнената армија Бранислав Стевановиќ, изјави дека концептот на вежбата е прилагоден на единици наменети за учество во мировни мисии и дека спроведувањето на задачите бара висок степен на обука и подготвеност.
„Учесниците покажаа високо ниво на способност за извршување на широк спектар на задачи во согласност со нивните декларирани способности. Сите учесници, заедно, извршија сложени задачи со висок професионализам и способност и ги исполнија сите цели на вежбата“, кажа полковник Стевановиќ.
Заменик-помошникот генерален секретар на НАТО Кевин Хамилтон оцени дека вежбата е импресивен приказ на заедничката работа на српските оружени сили и нивните партнери и ги пофали сите учесници за нивната напорна работа, професионализмот и посветеноста кон одличните резултати.
„Ваквите заеднички вежби помагаат во градењето на капацитетите меѓу Србија и НАТО бидејќи придонесуваат за консолидација во регионот. НАТО сè уште има намера да ја подобри соработката со Србија со целосно почитување на нејзината воена неутралност. Убеден сум дека понатамошната соработка треба да биде двонасочна улица. Тоа ќе биде партнерство засновано на доверба, почит и посветеност на регионалната безбедност“, порача Хамилтон.
Вежбата беше спроведена врз основа на заклучок на Владата на Србија и претставува продолжување на соработката меѓу Србија и НАТО во рамките на програмата Партнерство за мир на рамноправна основа и со почитување на српската воена неутралност, како што е наведено во соопштението, „со цел зачувување на мирот и стабилноста во регионот, подобрување на оперативните капацитети на вооружените сили и зајакнување на довербата и меѓусебното разбирање“.






