вторник, 21 април 2026

Во „Фокус“ пред 50 години: Духови на големобугарштината на саемот на книги во Белград

Објавено на

часот

Сподели

За ревноста на едни и намерите на втори.

Беше потребно одминувањето на уште еден ден и 16-от меѓународен саем на книгата ќе завршеше во стилот на народната поговорка: Кучињата лајат, а карванот минува. Во кучешка кожа овој пат се беа вовреле бугарските излагачи, вешто прикривајќи ја својата вистинска намера сè до претпоследниот ден. Во тие мигови на демонстративно седнување на двајца млади Македонци пред бугарскиот штанд, менаџерите на оваа меѓународна издавачка манифестација осознаа две работи: Дека овој саем потсетува на голем панаѓур и дека се шири големобугарштина од вешто аранжираниот штанд на нашиот источен сосед, на кој како камуфлажа се наоѓаа наредени преводите на знаменит број југословенски автори. Се разбира беше застапена и македонската литература со „2-2=0“ автори. Но, не е наше да навлегуваме во анализи и оценување на бугарската издавачко-преведуавчка политика. Наше е да се запрашаме за политиката на организаторот на овој саем, т.е. панаѓур, ако воопшто може да стане збор за некаква политика.

Дали во кругот на организаторовите задолженија било предвидено филтрирање, за да не дозволи на манифестацијата што се одржува во престолнината на сите југословенски народи, појавување на книга напишана од југословенскиот политички емигрант Венко Марковски. Или пак организаторот сметал дека саемот на книги, односно панаѓурот, можел да поднесе и повампирени содржини зачинети со мртвиот дух на Санстефано, кој подмолно се смешка од книгата „Знаменити Бугари“. Во неа можат да се причитаат имињата на Прличев, Делчев, Климент Охридски, Самоил и други.

Нека не ми биде земено за зло што манифестацијата што ја почитувам како свечен миг на книгата, ја нарекувам панаѓур. Под панаѓур подразбирам манифестација на која се изложува и фелерична стока, продукти од сомнително потекло… накусо сè и сешто! А овој саем на книгата содржински беше сосем идентичен на панаѓур.

Уште повеќе, беа изложени книги чија содржина грубо го навредува националното достоинство на македонскиот народ. Грубата небрежност на организаторот и моралната одговорност што тој ја носи со себе, долго ќе останат во свеста на секој чесен граѓанин на оваа земја.

Самоиницијативното симнување на непријателските наслови не претставува олеснителна околност што може да се земе предвид.

Би претставувало лицемерие ако при опсервирањето на оваа „афера“ го заобиколиме дописникот на „Нова Македонија“, кој во бројот од 18 ноември, објави опширна информација за саемот на книгата во Белград. Педантно изнесените статистички податоци за бројот на авторите и делата, со посебен осврт на застапеноста на националните литератури, зборуваат за професионален однос кон сопствената професија, пред кој да се симне капа. Освен ако човек лично не бил на саемот. Затоа овојпат капата не ќе биде симната. Причината за тоа е бугарската провокација на саемот. Поради тоа со сета своја тежина се поставува прашањето за степенот на ревноста што тој ја пројави при неговото обиколување и разгледување на  саемските штандови, меѓу кои до минут до дванаесет правеа променади, несметани од никого, злите духови на големобугарштината.

Може слободно да се стави под сомневање и политичката будност и ревност на авторитетите на македонскиот јавен живот што исто така го посетија саемот. Помислата дека се работело за посети направени анпасан и про форма изгледа наверојатна.

Требаше двајца Македонци, студенти на Академијата за театар, филм и телевизија во Белград, предизвикани од смислената дрскост на бугарските издавачи, и слепилото на менаџерскиот колегиум, егзалтирано да настапат на саемот за да се сопрат велокобугарските баханалии. Воедно да им се помогне и на менаџерите во симнувањето на густата пајажина што на нивните очи ја сплеле пајаци од симпатично потекло.

Овој саем во Белград покажа дека расчекорот помеѓу она што претставува официјален став, како сегмент на нашата заедничка политика и она што се чини без осет за селективен приод кон нештата може да биде од полза за трети, а тие во настојувањата да го зголемат бодовното салдо на својата хипокризна, односно како што тие ја нарекуваат, „конструктивна патриотска политика“, настапуваат кон нас како Тројански коњ во чија утроба Каин го остри веќе многупати употребуваниот нож.

Владимир Шопов

  (Фокус, 13 декември 1971)

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ