сабота, 13 јуни 2026

Сиљановска-Давкова ќе бара од институциите да ги почитуваат правата на бранителите од 2001

Непочитување на законски загарантирани права, дискриминација при вработување и напредување, како и неспроведување на правосилни судски пресуди, се дел од проблемите што претставниците на Здружението на воените ветерани и воените инвалиди „Братство 2001“ ги изнеле на вчерашната средба пред претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Објавено на

часот

Сподели

На средбата, како што информираа од Кабинетот на Сиљановска-Давкова, присуствувале Владо Томески, претседател на Здружението, Петар Јанчевски, Мики Ристовски и Сашко Голубовски.

Според нив, Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства од 2002 година селективно се применува од страна на институциите на централно и локално ниво.

Поради тоа, тие се соочуваат со дискриминација во остварувањето на законски утврдените права врзани со вработувањето, напредувањето, бесплатните здравствени услуги и бесплатното факултетско образование за нивните деца.

Тие ја информирале претседателката дека не се спроведуваат дури ни правосилните судски пресуди донесени во нивна корист.

Претставниците на Здружението на воените ветерани и воените инвалиди „Братство 2001“ укажале на потребата од измена и дополнувања на законот, за нивните посебни права, за прецизирање на решенијата и унапредување на нивните бенефиции.

Според Сиљановска-Давкова, укажувањата и забелешките на бранителите заслужуваат должно внимание од надлежните институции, како и почитување на еднаквата примена на законот за сите.

Таа ветила дека Кабинетот ќе ги информира надлежните органи за презентираните проблеми укажувајќи на нужноста од почитување и спроведување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, како и пресудите.

За претседателката, придонесот на бранителите не смее да биде заборавен, ниту занемарен, туку мора да се почитува и валоризира.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ