Предметот е заглавен во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), кај обвинителката Катерина Колариќ, кај која се заглавени, случајно или не и предметите Мазут, Вила Водно, Еуростандард банка, АНБ…
Се работи за случајот со кој и јавноста беше запознаена од тогашниот лидер на опозицијата Христијан Мицкоски кој тврдеше дека службени лица од Агенцијата за разузнавање неовластено го следат него и неговите најблиски соработници. Следени биле и други лица вработени во АР.
Пријавата против одговорните лица во АР е поднесена на 18 октомври 2024 година.
По подолго чекање на одговор на нашето прашање за овој премет, еве што ни одговорија од ОЈО ГОКК: „Предметот е во предистражна постапка. По наредби на надлежниот јавен обвинител се преземаат дејствија за обезбедување на релевантни факти и докази, неопходни за донесување јавнообвинителска одлука за натамошното постапување и за целосно расчистување на случајот“. За овој одговор требаше да поминат повеќе од 10 дена, а предистрагата е почната иако пријавата е поднесена пред 18 месеци.
Потписници на поднесената пријавата се лицата, вработени во АР, кои биле следени од нивните колеги. Предметот е заведен под број РО.бр. 253-24. Во пријавата оштетените тврдат дека за време на неовластеното следење биле користени неважечки и незаконски интерни акти за легитимирање и насочување на човечки, оперативни и технички ресурси, без законски основ и овластување незаконски се прибирале и обработувале информации, се применувале тајни методи и човечки извори, а прибраните податоци ги користеле за дискредитација на лица и влијание врз постапки за издавање безбедносни сертификати, вклучително и преку известување на други државни органи. Со ваквото постапување, обвинетите постапиле спротивно на Уставот и законите, предизвикале материјална и нематеријална штета врз повеќе лица и ги исполниле законските елементи на кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ од член 353 од Кривичниот законик, сметаат пријавителите. Тие тврдат дека во јули 2022 вработени во АР презеле незаконски разузнавачки активности на територија на Македонија кон домашни лица и ги злоупотребиле државните ресурси за незаконски активности.
После 18 месеци поднесена е и претствка до ЈОРСМ како надлежен орган за надзор над работата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК). Оштетените сѐ уште немаат примено никаква информација за текот на постапката, ниту пак е донесена јавнообвинителска одлука.
Предметот се однесува на злоупотреба на дискрециски овластувања и државни ресурси во Агенцијата за разузнавање, каде инволвираните службени лица сè уште извршуваат високи функции во Агенцијата за разузнавање. Долгиот период на „молчење“ на обвинителството остава простор инволвираните лица да влијаат врз доказите и сведоците, да влијаат врз тековни безбедносни проверки (ветинг) и да остваруваат институционална контрола и меѓуинституционална комуникација со цел влијание врз државни органи кои се дел од или водат управни и други постапки, се вели во претставката.
Оштетените лица имаат проблем и со добивање на безбедносни сертификати затоа што „спорните интерни и излезни документи на Агенцијата за разузнавање кои се предмет на пријавата и понатаму се наоѓаат во правен промет и се користат како основа за безбедносни проверки од страна на Агенцијата за национална безбедност што влијае врз фактичката состојба за издавање сертификати од Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации, со што директно се загрозуваат правата на оштетените лица“.
Тие сметаат дека настанале повреди на многу членови од Законото за јавно обвинителство: повреда на ажурноста и ефикасноста (член 39), повреда на совесното работење (член 40); повреда на стручноста и квалитетот (член 38); повреда на oдносот кон странките (член 42)… Оштетените бараат итно преземање мерки за обезбедување навремено и ефикасно постапување од страна на надлежното јавно обвинителство.
А.Д.






