Информациите за овој потег, кои досега не се објавени, се појавуваат во последната фаза од пошироките преговори меѓу Техеран и Вашингтон за прекин на војната. Дипломатите велат дека разговорите би можеле да вклучуваат и ослободување на десетици милијарди долари ирански приходи од нафта замрзнати во странски банки поради санкциите на САД.
Два регионални извори изјавиле за Ројтерс дека ОАЕ се согласиле да ослободат вкупно 10 милијарди долари, од кои повеќе од три милијарди веќе се префрлени во Иран.
Два други извори запознаени со договорот тврдат дека вкупниот износ е 20 милијарди долари и дека договорот е постигнат во замена за прекин на иранските напади врз ОАЕ. Еден од тие извори изјави дека првата транша од три милијарди долари веќе му е ставена на располагање на Техеран.
Ројтерс не можел да утврди дали средствата што треба да бидат префрлени доаѓаат од долго блокирани ирански сметки во банкарскиот систем на Емиратите или од други извори. Функционер на ОАЕ, на барањето за коментар, кажал дека неговата земја се обидува да ги намали тензиите и да промовира мир.
„Надворешната политика на ОАЕ се заснова на промовирање на деескалација и намалување на тензиите во регионот, истовремено промовирајќи траен мир и стабилност. ОАЕ ги поддржува напорите, вклучително и оние предводени од Соединетите Американски Држави, насочени кон заштита на жителите на регионот од последиците од конфликтот“, кажа тој.
Потпретседателот на САД Џеј Ди Венс кажа дека средствата нема да бидат ослободени за Иран само затоа што потпишал договор со САД или учествувал во преговорите. Тој додаде дека потенцијалниот договор е структуриран така што економските придобивки за Техеран би биле можни само ако ги исполни своите обврски.
Ниту еден од изворите наведени во текстот не се согласил да биде именуван поради чувствителноста на темата. Доколку биде потврден, договорот би претставувал значаен пресврт во односите меѓу ОАЕ и Иран, кои се карактеризираат со отворено непријателство во поголемиот дел од војната.
Иранските напади тогаш ги испразнија хотелите во Дубаи, ги натераа некои странски работници да заминат и го оштетија угледот на безбедноста врз кој Дубаи го темели својот статус како еден од водечките светски бизнис центри.
Еден од изворите запознаени со преговорите кажа дека договорот би можел да помогне во решавањето на конфликтот меѓу САД и Иран без преминување на „црвените линии“ од која било страна. Според него, Иран би можел да тврди дека добил надомест за воена штета, дека Вашингтон не платил ништо, а Абу Даби ќе добие дополнителни безбедносни гаранции и ќе ја заштити позицијата на Дубаи како регионален бизнис центар.
Друг извор тврди дека Иран за возврат би ги суспендирал ракетните и беспилотните напади врз ОАЕ и би ги обновил билатералните односи, вклучително и споделувањето разузнавачки информации и економската соработка. Истиот извор нагласи дека Иран им се обратил на најмалку две други арапски држави од Персискиот Залив со предлог за сличен договор.
Последниот познат директен ирански напад врз ОАЕ се случи пред нешто повеќе од еден месец, кога на 4 мај беше погодено пристаништето Фуџаира во Оманскиот Залив.
Според еден од изворите, разговорите почнале пред неколку недели, но се интензивирале откако претставници на моќната Револуционерна гарда на Иран го посетиле Абу Даби минатата недела. Таму тие се сретнале со шеикот Тахнун бин Зајед ал Нахјан, советник за национална безбедност на ОАЕ и заменик владетел на Абу Даби, и престојувале во неговата резиденција за гости.
Потоа следела посета на претставници на ОАЕ на Техеран за да се договорат за техничките детали за спроведувањето на договорот. Можниот договор се одвива во сложена финансиска средина што го вклучува Дубаи, главниот комерцијален центар на ОАЕ и една од најважните економски врски на Иран со светот.
Банките во Дубаи со години чуваат значителни депозити поврзани со Иран, од кои многу се блокирани од санкциите на САД. Овие санкции го следат глобалниот систем на трансакции во долари и се закануваат да ја исклучат од финансискиот систем на САД секоја странска банка што работи со санкционирани ирански субјекти.
Висок ирански извор изјави на 11 април дека САД се согласиле да ги деблокираат иранските средства замрзнати во Катар и други странски банки, но американски функционер брзо го негираше тврдењето.
Истиот извор за Ројтерс изјави дека одмрзнувањето на средствата е „директно поврзано со обезбедување безбеден премин низ Ормускиот теснец“, што е едно од клучните прашања во преговорите насочени кон прекин на конфликтот.






