петок, 12 јуни 2026

Од денес построги правила за мигрантите во ЕУ

Ревизијата на политиката на имиграцијата и азилот стапи денес на сила низ цела Европска Унија, по десет години подготовка, во време кога земјите од ЕУ се под зголемен притисок од крајно десничарските националистички партии.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Спогодбата на ниво на цела ЕУ воведува построги гранични контроли, побрза обработка на апликациите, проширена употреба на дигиталните алатки за следење на барањата за азил и повеќе депортации. Беше усвоен во 2024 година со двегодишен период за негово спроведување.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен го опиша пактот како „фер и одлучувачки“ и рече дека ќе обезбеди „побезбедни надворешни граници, солидарност меѓу земјите членки и поефикасни процедури за азил и враќање“.

Тоа е главниот заеднички одговор на ЕУ на барањата за промени што се зголемија во текот на изминатата деценија, уште од 2015 година, кога повеќе од еден милион луѓе пристигнаа во Европа барајќи азил. Повеќето од нив беа Сиријци кои бегаа од граѓанската војна и го преминуваа европскиот континент пеш.

Сепак, нивото на подготвеност за овие промени варира меѓу 27-те земји членки на ЕУ, што предизвикува одредени сомнежи за тоа колку брзо ќе се спроведе реформата и колку ќе биде ефикасна.

„Мораме да разбереме дека речиси ниедна земја членка не е 100 проценти подготвена. Уште е разочарувачки затоа што не почнавме од нула“, кажа Биргит Сипел, германска членка на Европскиот парламент од централно-левичарската партија.

Земјите членки сè уште се борат да воспостават сложени нови правила, иако цврстиот став за миграцијата веројатно ќе биде една од клучните теми на изборните кампањи во Франција, Грција, Италија, Полска и Шпанија следната година.

„Политичкиот центар на гравитација веќе значително се помести надесно во текот на изминатата деценија“, кажа Роберто Форин од Центарот за мешана миграција (ММЦ), аналитичка група која собира податоци по мигрантските рути.

„Секој изборен циклус носи ризик од нормализирање на ставовите што би се сметале за екстремни пред само неколку години“.

Некои критичари тврдат дека реформите премногу се потпираат на одвраќање на мигрантите и ги игнорираат основните причини за миграцијата, вклучувајќи конфликт, сиромаштија и политичка репресија.

Роберто Форин посочи на анкета што неговата организација ја спроведе минатата година меѓу повеќе од 4.000 мигранти на медитеранските рути. Анкетата покажа дека 64 отсто од испитаниците не биле обесхрабрени од политиките на ЕУ и националните влади, додека помалку од 1 отсто посочиле дека се откажале од своите планови поради тие политики.

„Дебатата е заробена во лажна дилема… како единствениот начин да се покаже контрола е да се наметнат ограничувања и средства за одвраќање“, кажа тој.

Со договорот се воведува нов „механизам за солидарност“ со кој од земјите-членки на ЕУ кои примаат помал број барања за азил се бара или да го прифатат преместувањето на барателите на азил, или да обезбедат финансиска помош или оперативна поддршка на земјите кои примаат поголем број мигранти.

Сепак, критичарите тврдат дека на механизмот му недостасуваат силни инструменти за спроведување и се потпира главно на политички притисок, што би можело дополнително да ги зголеми тензиите меѓу земјите-членки.

Иако миграцискиот притисок е ослабен, земјите членки сакаат бројот на пристигнувања да остане низок. Податоците на ЕУ покажуваат дека бројот на нерегуларни пристигнувања се намалил за 26% минатата година, на најниско ниво од 2021 година, додека бројот на барања за азил, исто така, се намалил.

„Очекувам дека земјите членки ќе сторат сè што можат за да го одржат нискиот број на пристигнувања, како и притисокот врз нивните системи за азил, за да го намалат ризикот новите правила да бидат ставени на сериозен тест прерано“, рече Алберто Хорст Најдхарт, виш аналитичар за политика во Центарот за европска политика.

Европските земји, исто така, се стремат да основаат центри надвор од Европската Унија во кои би можеле да бидат депортирани барателите на азил чии барања се одбиени.

Европската комисија наведува дека ја поддржува имплементацијата на реформата преку нови финансиски ресурси и предложи буџет од 6,34 милијарди евра (6,8 милијарди долари) за миграција, управување со границите и внатрешна безбедност во следниот седумгодишен буџетски период.

Пактот содржи и заштитни мерки насочени кон зачувување на правата на ранливите групи.

Сепак, организациите за човекови права и некои аналитичари предупредуваат дека новата рамка го ограничува пристапот до азил и ги ослабува постојните гаранции за заштита. Широката употреба на притвор може да резултира со тоа што барателите на азил ќе бидат задржани со месеци, што потенцијално го ограничува пристапот до услуги и права.

„Се плашиме дека лошиот закон, во комбинација со недостигот од волја за спроведување на стандардите, води кон продолжување на оваа трка кон сè пониски стандарди“, кажа Минос Музоракис, адвокат во грчката невладина организација Центар за поддршка на бегалците од Егејот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ