Концертот „Звуците на Македонија“, во изведба на студентите по Оркестар на народни инструменти и традиционално пеење, од Факултетот за музичка уметност – Скопје ќе се одржи денеска со почеток во 13:30 часот, на Школка во Градскиот парк.
Од 19:30 часот пак, на Плочник во Градски Ѕид спроти Владата, во центарот на Скопје ќе се одржи концертната манифестација „Центарска симфонија“.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ги покани граѓаните на второто издание на „Центарска симфонија“, музички спектакл под отворено небо.
„Ги повикувам сите жители на општината и градот, особено оние кои сакаат да се навратат на духот на 70-тите години и да уживаат во убава филмска и симфониска музика, да ни се придружат на овој настан, а во текот на летото продолжуваме со уште повеќе културни содржини и настани за граѓаните“, вели Герасимовски.






