„Денеска се водела тешка дебата, но направиле компромис да остане барањето. Очекуваме земјава веднаш да ги почне преговорите штом се усвои преговарачката рамка. За првпат Бугарија не можеше да најде вина во Македонија. Во денешната дебата во Брисел немаше прашање по однос на погрешната интерпретација на историјата, туку имаше наметнување од страна на словенечкото претседателство да се одреди рок до крајот на годината”, изјави Османи за ТВ24.
Според него, нашата позиција е принципиелна и многу земји-членки на ЕУ ја поддржуваат.
Османи го коментираше и ставот на новиот бугарски премиер за временската рамка од шест месеци, период вокој треба да функционираат работните групи.
„Бугарија има право на вето, а во однос на ставот на новиот бугарски премиер Кирил Петков, спорна е временската рамка. Шест месеци е предолг период во контекст во кој се наоѓа регионот. Има многу отворени прашања. Сметам дека тој период не ни одговара. Треба да седнеме со Петков и да разговараме што значи тој период. Нема потреба целиот регион да се држи во заложништво”, рече Османи.






