За спорот со нашиот источен сосед Мицкоски повторил дека македонската позиција треба само да ги почитува принципите од резолуцијата неодамна усвоена во македонското Собрание.
„Изразив загриженост поради фактот што колку повеќе ги напуштаме нашите преговарачки позиции, толку повеќе барањата од нашиот источен сосед се поголеми и на тој начин само се уништува преговарачката позиција и ништо не се добива за возврат.
Јас лично и ВМРО-ДПМНЕ цениме дека треба да се напушти принципот на коленичење и сервилност, треба да се покаже карактер и да се вложиме максимално сите за да го покажеме тој карактер. Тоа е мојата порака. Народот е фрустриран од понижувања. Премногу отстапки се направени во оваа наша независност, а во суштина уште сме во предворјето и не можеме да го почнеме тој процес на преговори. Тоа е нашата принципиелна позиција и таа позиција подготвен сум да ја бранам и со факти и со аргументи каде било и пред кој било“, изјави Мицкоски по средбата.
Во однос на втората тема, предвремени парламентарни избори, сега откако е јасно дека Македонија уште долго време нема да добие датум за преговори за членство во ЕУ, Мицкоски смета дека и последниот адут што го имаше оваа Влада замина во неповрат.
„Имајќи ја во предвид состојбата во општеството, криминалот и корупцијата нефункционалните институции, недисциплината, лошата економска и енергетска состојба во земјава и уште многу други фактори кои негативно влијаат, мојот став е дека само со сериозен ресет на системот, многу макотрпна работа и нови луѓе можеме да излеземе од оваа кризна состојба во која се наоѓаме, а за тоа се потребни предвремени парламентарни избори. Јас го кажувам мојот став, а не и ставот на господинот Али Ахмети. Предвремени парлaментарни избори се потребни час поскоро. ВМРО-ДПМНЕ во моментов има најголема пратеничка група, со најголем број на грaдоначалници и советници, има политичко право и кредибилитет да бара предвремени парламентарни избори бидејќи победи на два пати на локалните избори и во првиот и вториот круг убедливо“, рече Мицкоски и додаде дека на средбата со Ахмети не се разговарало за експертска или техничка влада.






