„Претседателе ти посакувам среќа, мудроста ја имаш, да ја чуваш оваа најголема и државотворна партија, да ја негуваш социјалдемократијата, да водиш грижа за единството и да ја чуваш слободата и демократијата во нашата земја, како и во партијата. Посакувам успешен мандат како претседател на СДСМ, да избереш мудро раководство кое ние сите ќе го следиме. СДСМ е столб на државноста“, му порача Заев на Ковачевски.
Ковачевски му се заблагодарил за придонесот во водењето на партијата, но и на Владата во изминатите години.
„Ти благодарам и за мудрите одлуки што ги донесе за партијата, но и за државата, благодарение на кои што денеска земјата е членка на НАТО и сме на прагот на почнување на преговори со ЕУ“, истакна Ковачевски.
Тој му се заблагодарил на Заев и за тоа што во наследство остава партија која има најголем кадровски потенцијал.
Димитар Ковачевски на вонредните внатрепартиски избори на 12 декември со 37.649 гласови од членството беше избран за нов претседател на СДСМ.
Ковачевски доаѓа на местото на Зоран Заев кој беше лидер на СДСМ од 2013 година и кој по неуспехот на локалните избори во октомври најави оставка и од лидерската партиска, но и од премиерската функција.
Промени во раководството на СДСМ ќе има, но сепак ќе останат и дел од актуелните функционери, изјави вечерва новиот партиски лидер Димитар Ковачевски.
Согласно со процедурите ќе имаме седница Централен одбор на која ќе ги информирам за разговорите со коалиционите партнери. Планирам да предложам неколку нови членови на ЦО и раководство на партијата кое ќе вклучува членови и на постојното, но и нови лица, изјави Ковачевски по примопредавањето на функцијата претседател на СДСМ од досегашниот лидер Зоран Заев во седиштето на партијата.
Ковачевски не откри детали кој ќе замине, а кој ќе остане.
[video:https://youtu.be/APX0YLvEOJ0 autoplay:0]





