Антикорупциските институции имаат недостаток од материјални и човечки ресурси, соодветни простории за работа и несоодветна распределба на кадарот за да можат да работат непречено и да постигнуваат резултати во борбата против корупцијата, покажува анализата на Институт за демократија „Колку чини борбата против корупцијата: инвестиција во човечките ресурси“.
Во споредба со предвиденото во систематизациите за вработување, на Државната комисија за спречување на корупцијата ѝ недостигаат 30 вработени, кај Државниот завод за ревизија потребни се 73 места, во Инспекцискиот совет потребни се 28 нови вработувања додека кај Комисијата за заштита од конкуренција непополнети се 13 работни места.
Овие институции имаат ограничен физички простор и соодветна опрема. Додека ДКСК и Државниот завод за ревизија имаат физички простор за целосно пополнување на систематизацијата, Инспекцискиот совет и Комисијата за заштита на конкуренцијата одговориле дека немаат канцелариски простор во случај на целосно пополнување. Затоа, покрај буџетските алокации за вработени, растот на институцијата е условен и со инвестиција во физичките услови за работа.
Значителен недостиг постои и кај инспекторатите. Според податоците од Инспекцискиот совет, од потребните над 1.400 инспектори во инспекторатите и инспекциските одделенија во одредени институции, во 2020 година пополнети биле само 857. Покрај недоволните вработувања во изминатите години, дополнителен проблем е и старосната структура на инспекторите кои што работат во инспекторатите. За 2021 година се предвидени 41 пензионирања без притоа истите соодветно да се заменат.
Еден од недостатоците е и соодносот на бројот администрација и број на луѓе што работат на конкретни случаи. Од вкупно 34 вработени во ДКСК, помалку од половина работат на случаи. Кај Инспекцискиот совет ако се одземе советот како колективно тело, на случаи работат двајца вработени од вкупно 10. Во случајот на КЗК, без комисијата како колективно тело, на случаи работат 14 вработени од вкупно 27. Соодносот кај ДЗР е поповолен, со 10 вработени од вкупно 110 што работат административни задачи.
Предизвик е и фактот што профилот и вештините со кои се стекнуваат дел од вработените во овие институции се атрактивни кај приватниот сектор и затоа е важно условите за работа во овие институции да се компетитивни со цел задржување на кадарот. Важно е и платите во антикорупциските институции да соодветствуваат со просекот во сродните професии, односно квалификации на национално ниво.
Во анализата се изработени две сценарија со две варијации кои даваат приближен увид на висината на потребната инвестиција во зависност од можностите на државата, а со цел остварување на основните предуслови овие институции да остварат успех во својата работа и да бидат предводници на националните напори во борбата против корупцијата.
Првото сценарио е инвестиција во пополнувањето на систематизациите, а второто е инвестиција во кадри кои ќе работат на случаи/предмети. Зависно од сценариото и различните варијации, вкупната сума за овие четири институции варира од 4 до 5 милиони евра на годишно ниво. Со пополнување на празните инспекторските места оваа сума стигнува до речиси 12 милиони евра годишно.
Работата на институциите како ДКСК, Државниот завод за ревизија, Инспекцискиот совет и Комисијата за заштита од конкуренција не е бесплатна и затоа државата треба да ја зголеми моменталната инвестиција во секоја од нив, поединечно, покажува анализата на Институтот за демократија.






