четврток, 21 мај 2026

Зошто Македонија не го воведува условот за патување ПВТ (прележани, вакцинирани, тестирани)?

Објавено на

часот

Сподели

За влез во ЕУ веќе одамна важи правилото дека за дигитална потврда за патување потребно е лицето да е вакцинирано против ковид-19, да има негативен тест или да е прележано од ковид-19 (ПВТ – прележани, вакцинирани и тестирани).   

И покрај сите препораки македонските здравствени власти не планираат да воведат ПВТ-услови. Епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски од Медицинскиот факултет досега неколку пати изјавува дека условот ПВТ (прележани, вакцинирани, тестирани) – со ретки исклучоци, е епидемиолошки најиздржано и најлогично решение што треба да го примени една држава, ако има цел, од една страна, вистински да го редуцира интензитетот на ширење на вирусот, и од друга страна, да го стимулира населението што помасовно да се вакцинира.

„Кога кај нас се носеа оние фамозни мерки (со условот да се биде вакциниран само со една доза и со признавањето прележаност од само 45 дена), колегите од Комисијата за заразни болести требаше само да „ѕирнат“ како го прави тоа Словенија и да го копираат решението. Секако, и делот да се носи маска не само во затворен простор, туку и на отворено ако не може да се обезбеди соодветна физичка дистанца меѓу присутните. Но ние се водевме од некои други логики“, смета професорот.

Во Словенија од вчера важи уште едно правило, а се однесува на тоа дека бензин може да наточат само оние шофери што имаат ковид-пропусница. Освен тоа, таму одамна важи и тоа дека сите вработени што имаат контакт со странки мора да имаат ковид-пропусница, односно да се прележани, вакцинирани или да имаат негативен ПЦР-тест. Државата е таа што ќе ги сноси трошоците за тестирање на вработените, а работодавците ќе можат да ги санкционираат оние што не ја почитуваат оваа регулатива. Условот ќе важи и за сите корисници на услуги, со таа разлика што ќе треба да платат за тестирање од свој џеб.

Прележани се оние што ја поминале болеста, но само ако имаат антитела, вакцинирани – само оние со две дози, и тоа по две недели од втората, а тестирани се оние што имаат негативен ПЦР-тест не постар од 72 часа.

Во Словенија, властите донеле ваква одлука со намера што повеќе луѓе да се вакцинираат пред четвртиот бран на епидемијата, за кој се прогнозира и се очекува да биде најсилен во октомври.

A.Д.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ