
Прирачникот е наменет за професионален развој на наставници и е дизајниран за поддршка и унапредување на предавањето на контроверзни прашања во училиштата, а содржи конкретни алатки и техники за предавање и опфаќање на различни теми, како што се религија, родови улоги, еднородителски семејства, сексуална определба, екстремизам и слични теми, во училница.
Како што соопштија од Здружението, ваквиот пристап на предавање придонесува за подобрување на знаењата на учениците и за вклучување во дијалог на ученици со различни ставови и вредности, што е од клучно значење за демократскиот процес и неопходно за заштита и зајакнување на демократијата и за негување на човековите права.
„Контроверзните теми, кои ги дефинираме како теми за кои постојат спротивставени мислења во општеството и будат силни чувства кај луѓето, е значајно да се дискутираат во рамки на образовниот процес за да се поттикне дијалог за истите и да се развие свест за важноста од дискутирање кај младите, уште од најмала возраст. Избегнувањето на дискусиите на овие теми и недостигот на конструктивен дијалог за истите само води кон поделба на општеството и зголемување на меѓусебната нетрпеливост“, вели Илија Станковски, програмски директор на Здружение LEAD.
Прирачникот „Предавање на контроверзни прашања преку едукација за демократско граѓанско и човекови права“ е оригинално издаден од Советот на Европа и преведен на преку 15 јазици во Европа. Македонската верзија на прирачникот е бесплатно достапна и може да се преземе од веб страната на LEAD на следниот ЛИНК.
Албанската верзија може да се преземе на следниот ЛИНК.
Прирачникот е изработен во рамки на проектот „Наставници за едукација, демократија и човекови права“ имплементиран од Здружението LEAD, заеднички финансиран од Европската Унија и Советот на Европа во рамки на програмата „Демократска и инклузивна училишна култура во функција“.






