сабота, 23 мај 2026

Министерството за финансии одзеде дозвола на едно од поголемите финансиски друштва, по пријава од граѓанин откриени сериозни прекршувања

Министерството за финансии му одзеде дозвола за работа на едно од поголемите финансиски друштва на пазарот, откако вонреден надзор спроведен по пријава од граѓанин открил сериозни прекршувања на законските обврски.

Објавено на

часот

Сподели

Од Министерството соопштија дека при контролата биле утврдени груби прекршувања на прописите, постапување спротивно на правилата за заштита на корисниците, како и практики со кои директно биле доведени во ризик граѓаните што користеле финансиски услуги.

„Поради тежината на утврдените прекршоци и сериозноста на констатираните неправилности, Министерството за финансии во мај донесе решение за одземање на дозволата за работа на финансиското друштво“, соопшти Министерството.

Не се открива за кое финансиско друштво станува збор.

Министерството најавува дека засилените контроли во секторот продолжуваат и во текот на 2026 година, и на терен и преку вонтеренски надзори.

Според официјалните податоци, од почетокот на годината досега биле изречени 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување на утврдените неправилности.

Паралелно, се подготвуваат и законски измени со кои дополнително ќе се заострат условите и критериумите за работа на финансиските друштва.

Како што наведуваат од Министерството, целта е да се намали ризикот од прекумерно задолжување кај граѓаните, да се зајакне заштитата на потрошувачите и да се зголемат транспарентноста и одговорноста во работењето на финансиските друштва.

„Министерството за финансии ќе продолжи со интензивни контроли и ќе ги презема сите расположливи мерки согласно закон, со цел заштита на граѓаните и спречување на непочитување на законот“, наведуваат од институцијата.

Соопштението доаѓа во време на зголемено внимание кон работењето на финансиските друштва, особено по поплаки од граѓани за условите под кои се одобруваат и сервисираат одредени финансиски услуги.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ