Германскиот канцелар Фридрих Мерц предложи да ѝ се дозволи на Украина да учествува на состаноците на ЕУ без можност за гласање како привремен чекор кон полноправно членство во блокот. Ова, според Мерц, би можело да помогне во постигнувањето договор за прекин на четиригодишната војна предизвикана од руската инвазија.
Одговарајќи на предлогот, Зеленски во писмо испратено доцна синоќа, во кое имал увид Ројтерс, кажа дека разрешувањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан, тврд противник на членството на Украина во ЕУ, по изборите минатиот месец создало можност за значителен напредок во преговорите за пристапување.
„Би било неправедно Украина да биде присутна во Европската Унија, но да остане без глас“, оцени Зеленски во својата порака. „Вистинско време е да се продолжи со членството на Украина на целосен и смислен начин“.
Писмото е адресирано до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, и Никос Христодулидес, претседателот на Кипар, кој го предводи ротирачкото претседателство со Советот на ЕУ.
Зеленски им се заблагодари на европските лидери за нивната поддршка за време на војната и кажа дека Украина делува како бедем против руската агресија за целиот блок од 27 земји. „Ние ја браниме Европа: целосно, не делумно и не со половични мерки“, смета тој. „Украина заслужува фер пристап и еднакви права во рамките на Европа“, заклучи Зеленски.






