Времето во кое живееме е време на глобални кризи – политички, воени, економски, културни, кризи кои секојдневно се продлабочуваат. Секојдневието станува сѐ понеизвесно, понепредвидливо и понесигурно. Оттука, немирот кој се всадува во човекот започнува да го преобразува не само неговиот надворешен лик туку, уште повеќе, внатрешноста на телото.
Уништувањето, дехуманизацијата и распаѓањето на човекот како единка е застапена тема во уметноста, особено во 20 и во 21 век, одразувајќи ги траумите од војните, технолошкиот напредок и отуѓувањето во современото општество. Уметноста претставува огледало на овие процеси и не само што го констатира уништувањето, туку честопати служи и како критика на општествените процеси кои водат кон губење на човечкото достоинство.
Дехуманизацијата, како процес на преиспитување, анализирање, како наше лично искуство, е присутна со години во творештвото на Милан Андов, па оттаму потекнува и овој циклус на дела преточен во изложба. Токму ова е темата којашто го преокупира интересот на Андов повеќе од две децении. Тој смело ја проблематизира „грижата“, т.е. „негрижата“ кон севкупното живеење на човекот. Се чини дека таа воопшто и не постои. Напротив, во истиот момент кога тој нема што да понуди, ќе биде отфрлен, заборавен на маргините на општеството. Во таквата тешка состојба човекот станува општествен товар за кој никој нема интерес. Брутално искрен во експресивното претставување на физичката, но уште повеќе на духовната состојба на насликаниот лик, Андов нѐ насочува кон размисла за секојдневието кое го разобличува.
Основен мотив во сликарството на Милан Андов е човечката фигура, како машка така и женска. Фигурите се сместени во празен, оголен, недефиниран простор (може да биде кој било), но авторот е многу повеќе окупиран со анализа на самото тело. Фигурите како да се сместени во тој празен простор по измачување, разобличување, черечење. Вака раскинатото тело станува лајтмотив во неговите слики. Спонтано, со брзи потези ја нанесува бојата со четка на платно. Масло или комбинирано масло и акрилик на платно се основните техники што ги користи во сликарството. Под тензијата на внатрешните чувства, ликовите стануваат деформирани, дисторзирани, а нивната експресивност кулминира во очите ококорени со нереален стаклест сјај, опишувајќи го внатрешниот немир.
Еден од главните пристапи преку кои Андов ја прикажува дехуманизацијата на човекот е претставувањето на изобличените тела кои ги губат својата форма и идентитет, што ја симболизира внатрешната болка, немирот, стравот. Телото, како резултат на немирот, го губи својот „нормален“ изглед и се трансформира во една човеколика форма која кај набљудувачот предизвикува измешани емоции. Фигурите се поставени во недефиниран простор (кој авторот го решава со боени плохи и на тој начин ги поместува во преден план), тие лебдат и се извиваат, едно тело се дели на две, од едно тело се појавуваат повеќе екстремитети, главата се одделува од телото. Пренапрегнатата мускулатура дополнително ја зголемува перцепцијата на агонијата во која се наоѓаат претставените ликови и сугерираат распаѓање на човековото тело и на неговата душа.
Андов е сликар кој одлично ја познава анатомијата на човековото тело, што особено успешно го користи во сликањето на своите ликови. Со пренагласување на мускулатурата, а не со анатомска прецизност, создава надреална, трансформирана, оддалечена трансцендентална реалност во која се наоѓаат ликовите со силно изразени емоции, духовно растројство, безизлезност.
За да ги разбереме делата на Андов, треба прво да го разбереме контекстот, а тоа е состојбата на времето и општеството во кое живееме. Она што ја карактеризира денешницата се развојот на новите технологии и сеприсутниот консумеризам, кои постојано нѐ одржуваат во една состојба на себепреиспитување. Консумеризмот секојдневно сѐ повеќе се шири, со што се губи тежнеењето кон промовирање на хуманистичките и духовните вредности. Емпатија, сочувство, хуманост се поимите за кои сѐ повеќе се говори, но во секојдневието се сѐ помалку присутни. Овие дела од творештвото на Андов претставуваат критика на општеството, кое станува индиферентно кон опстојувањето на човекот, и одраз на стварноста преку деформација. Ваквиот наратив недвосмислено нѐ води во светот на вистината, темните агли, невидливите пространства кои се затскриваат зад убавото, нашминканото и среќното.
При првата средба со ликовите на насликаните дела, остануваме занемени. Занемени од што? Се прашуваме дали тоа чувство е страв, вознемиреност, одбивност. Се прашуваме кои се тие ликови без лице, тела со деформирани екстремитети, човечки битија кои се деформираат и се стремат да станат нешто сосема поразлично од човек. Или сме можеби тоа – ние, напиша Александра Зиновски-Вилиќ, куратор.
Изложбата ќе биде пoставена до 28 јуни 2026 година.
Mилан Андов е роден во 1974 година во Скопје. Завршува Средно уметничко училиште „Лазар Личеноски“ во Скопје, на отсекот Графика и графички техники. Студира и дипломира на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во класата на професорот Димче Николов на отсекот Графички техники и графички дизајн. Покажува извонреден талент и интерес особено за цртање и сликање, за што добива награди во раните фази на неговите студии.





