Во интервју за неделникот Фокус, Савески вели дека истрагата е активна и дека во предметот се преземаат дејствија, но засега Груби не бил сослушан како осомничен.
„Шпекулациите на јавноста стигнуваат и до мене, но до овој момент не се основани, бидејќи поранешниот вицепремиер сè уште не дал исказ во обвинителството. Кога ќе даде исказ, тоа ќе биде, пред сè, во однос на дејствијата што му се ставаат на товар“, вели Савески.
Со ова, засега паѓаат во вода јавните шпекулации дека Груби евентуално веќе разговарал со обвинителите за други предмети или дека доставил информации што би можеле да отворат нови истраги.
Савески додава дека секој што располага со докази за евентуални кривични дела има обврска да ги достави до надлежните органи, вклучително и Груби, доколку поседува такви информации.
Груби беше приведен пред три месеци на граничниот премин Блаце, по повеќе од една година бегство, по што му беше определен домашен притвор.
Тој е осомничен во предметот поврзан со Државна лотарија, каде што истрагата го опфаќа и директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами. Според сомнежите на Обвинителството, преку набавка на ВЛТ апарати била направена проневера тешка околу 500 милиони денари, односно повеќе од осум милиони евра.






