сабота, 23 мај 2026

Бриселски новинари вџашени од планот на Советот да кани и инфлуенсери на самитите

Инфлуенсерите на состаноците на министрите и лидерите на Европската Унија нема да ги заменат новинарите, изјави за бриселски Политико креаторот на содржини Пјетро Валето, кој соработува со Советот на ЕУ.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Валето (27) е поканет во Советот следната недела и тоа ќе биде „ексклузивно искуство“ каде што креаторите на содржини ќе имаат можност да видат што се случува зад сцената во институциите на ЕУ.

Од јули инфлуенсерите ќе бидат поканети на самитите на лидерите на ЕУ во Брисел, како и на некои министерски состаноци, објави Политико претходно овој месец.

Тоа соопштение не беше добро прифатено од новинарите кои ги следат самитите и состаноците на ЕУ. Меѓутоа, Валето вели дека влијателните лица нема да ја поткопаат работата на акредитираните новинари.

„Тоа е посебна работа. Не е како тоа што го прават во САД, каде што Белата куќа поканува одредени креатори за да ги покриваат“, кажа Валето.

Оние креатори на содржини кои се поканети на самитите на ЕУ ќе можат да следат прес-конференции и изјави пред состанокот, но нема да можат да поставуваат прашања, според плановите претходно презентирани од Советот на дипломатите.

„Креаторите на содржини ќе бидат следени во секое време и нема да бидат третирани како медиуми, вклучително и кога станува збор за акредитација или пристап до медиумски можности“, изјави претставник на Советот за Политико.

Весникот беше критикуван од претседателот на здружението на странски новинари во Брисел АПИ Дафид аб Јаго.

„Кликовите, прегледите и импресиите се одлични за Тикток и Инстаграм. Но, основниот факт останува – инфлуенсерите на прес-конференции и самитите нема да мора да откриваат кој ги плаќа“, рече шефот на здружението.

Тој додаде дека, од друга страна, од новинарите не се очекува да прифаќаат плаќање во замена за „пишување убави приказни“.

„Тоа некако се нарекува новинарска етика“, истакна Дафид аб Јаго.

Валето верува дека улогата на инфлуенсерот ќе биде различна и се опишува себеси како „расфрлач“ на информации.

„Тоа е повеќе како покажување на институцијата“, смета Валето, додавајќи дека многумина имаат проблеми со разликувањето на институциите во Брисел. „Луѓето навистина не знаат што е Советот“, додаде инфлуенсерот.

Валето кажа и дека инфлуенсерите, кои не се платени и се поканети да го посетат Советот, можат да одлучат што сакаат да истакнат, без „резултатите“ што Советот ги бара во замена за пристап.

Овој потег на Советот следи по слични потези на другите две водечки институции на ЕУ, кои се подготвени да ги пречекаат креаторите на содржини во обид да најдат нова публика.

Така Комисијата во неодамнешната кампања „Заштитете го она што е важно“, со фокус на безбедноста, демократијата и мирот, избра 50 креатори кои ќе работат на кампањата.

„Тие нема да бидат платени и ќе имаат целосна уредничка слобода да одлучат дали и како ќе ја поддржат кампањата“, кажа портпаролот на Комисијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ