петок, 22 мај 2026

Одбележани осум децении Филолошки факултет

Осум децении Филолошки факултет „Блаже Конески“, 25 години Културно-едукативен центар (КЕЦ) „Небрегово“ и 20 години Спомен-дом „Блаже Конески“ во Небрегово, беа одбележани денеска на овој факултет во Скопје, во организација на едукативниот центар и на оваа високообразовна институција.

Објавено на

часот

Сподели

„Денеска го славиме и патронатот на Универзитетот ‘Свети Кирил и Методиј’ и, секако, имајќи ги предвид развојот и дејноста на Универзитетот, Филолошкиот факултет ‘Блаже Конески’, уште од своите почетоци, тогаш заедно со Филозофскиот факултет, до денеска, еве, оваа година, славиме осум децении – 80 години. И само во овој семестар 11 катедри и секако голем број активности на нашите студенти од сите катедри, имавме речиси 80 настани само во овој семестар, а секако дека следува уште еден семестар во кој ќе ја имаме и главната прослава, ќе имаме голем научен собир“, рече деканот на Филолошкиот факултет во Скопје, проф.д-р Владимир Мартиновски.

Професор д-р Максим Каранфиловски истакна дека самото постоење на нашата наука, на македонскиот јазик, односно на нашите институции, научната, уметничката продукција, образовниот систем, сето тоа зборува за тоа дека македонскиот јазик постои и дека никој не може да го оспори и да го загрози.

„Секој оној што сака белото да го прикаже како црно, само се лаже самиот себеси. Тоа е како одговор на оние што не оспоруваат, ако сакаат да нè оспоруваат, нека нè оспоруваат, нивен проблем“, нагласи Каранфиловски.

Професорот Атанас Конески, секретар на КЕЦ „Небрегово“, истакна дека во овие 25 години постоење на Фондацијата и 20 години од Спомен-домот „Блаже Конески“ направен е подвиг.

„Фондацијата, односно КЕЦ ‘Небрегово’ прерасна во културен и едукативен центар, но и туристички центар. Благодарение на Туристичкиот сојуз на Македонија, благодарение на тогашното одделение при Министерството за економија и благодарение на Агенцијата за војажер“, додаде Конески.

Проф. д-р Живко Цветковски потенцира дека можеме да бидеме задоволни со состојбата на стандардниот јазик во однос на тоа од што сме почнале, кога сме почнале и до кај сме стигнале.

„Но, има и работи за кои треба да бидеме и критични и самокритични, не критизери, туку критичари и самокритични. Пред сѐ, се однесува на низа професии. Јазикот е стоглава аждаја, крај не можете да ѝ најдете, милион функции, милион стилови, потстилови, може, не може, може вака, може така, ама некаде мора црвена линија да има и тоа мора да се почитува, па нека биде ако сака и претседателот на државата или премиерот, а не па обичен автор“, рече Цветковски пред присутните на Филолошкиот факултет во Скопје.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ