сабота, 23 мај 2026

Од Рим пораки за македонскиот јазик и идентитет: Кирил и Методиј не се минато, туку живо наследство

Со молебен пред гробот на Свети Кирил во базиликата „Сан Клементе“ во Рим, македонската државно-црковна делегација го продолжи чествувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, при што беа испратени пораки за значењето на делото на светите браќа Кирил и Методиј за македонскиот јазик, духовноста и културниот идентитет.

Објавено на

часот

Сподели

Македонската државно-црковна делегација во Рим денеска им оддаде почит на светите браќа Кирил и Методиј, со пораки дека нивното дело не е само историско наследство, туку жива основа на македонскиот духовен и културен идентитет.

Во базиликата „Сан Клементе“, пред гробот на Свети Кирил, архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан порача дека светите браќа не се личности затворени во минатото, туку темел врз кој и денес стои македонската духовна и културна самосвест.

„Вашето слово и денес живее меѓу нас“, порача поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, потсетувајќи дека нивната мисија се одвивала низ прогонства, оспорувања и искушенија, но опстојала поради верата во правото секој народ да учествува во духовниот живот и вистината.

Тој оцени дека во време на поделби, несигурност и духовна празнина, примерот на Кирил и Методиј останува силен повик за враќање кон вистинските вредности.

Во Рим престојува и државната делегација предводена од претседателот на Собранието Африм Гаши, која покрај посетата на „Сан Клементе“, ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде беше положен венец пред спомен-плочата на македонски јазик.

Плочата е поставена во знак на благодарност за историскиот чин на папата Адријан Втори, кој во 868 година ги осветил словенските книги што во Рим ги донеле Кирил и Методиј.

Делегацијата го посети и гробот на папата Франциско.

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков изјави дека чествувањето не треба да се гледа само како државнички и дипломатски чин, туку како потсетување на цивилизациските вредности што ги обликувале словенската писменост, образованието и културата.

Годинешното одбележување на 24 Мај во Рим ќе биде заокружено утре со концерт на ансамблот „Консонанс“, со кој Македонија ќе се претстави пред меѓународната јавност.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ