Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека опфатот со вакцинација со една доза на полнолетната популација е 47, а со две дози 44 проценти. Според бројот на аплицирани вакцини, 38 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 35 проценти примила две дози вакцина.
Во Тетово деновиве се вакцинираат само по стотина граѓани дневно, а до пред само десетина дена таа бројка беше десет пати поголема. На територија на град Скопје, вакцинацијата се одвива во 7 поликлиники. Во две смени работат поликлиниките „Букурешт“, „Јане Сандански“ и „Чаир“. Во една смена работат поликлиниките во Ѓорче Петров, Драчево, Ченто и Шуто Оризари, велат од МЗ.
Во текот на вчерашниот ден се аплицирани вкупно 2.798 дози вакцини, од кои 745 се аплицирани како прва доза, 1.999 се ревакцинирани, а 54 граѓани примиле трета доза вакцина. Заклучно со 7 октомври вкупно се вакцинирани 793.987 граѓани, ревакцинирани се 745.415, а трета доза примиле 625 граѓани. 53% од граѓаните над 40 годишна возраст се ревакцинирани, а 33% од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина.
На 8 септември бројот на аплицирани вакцини беше 13.232.
Опфатот со вакцинација со една доза вакцина, на полнолетната популација е 47% , со две дози опфатени се 44% од граѓаните над 18 години.
Од Министерството за здравство постајано апелираат на вакцинација на граѓаните кои не го прележале коронавирусот. Процентот од само 35 отсто вакцинирани лица во Македонија со две дози е навистина мал.
На почетокот на месецов поради изминат рок на траење беа повлечени и ќе бидат уништени на Дрисла 13.000 дози од Фајзер, бугарската донација која се состоеше од 51.480 вакцини.
А.Д.






