четврток, 21 мај 2026

Град Скопје и НДИ потпишаа Меморандум за зајакнување на отпорноста од корупција

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и директорот на Националниот демократски институт (НДИ), Роберт Скот Хејзлет денеска потпишале Меморандум за соработка, како дел од проектот „Зајакнување на отпорноста на општините од корупцијата – Заедници со интегритет“.

Објавено на

часот

Сподели

Со овој меморандум, како што информира Ѓорѓиевски, се продлабочува соработката меѓу Град Скопје и НДИ, преку конкретни активности насочени кон навремено препознавање, намалување и спречување на ризиците од корупција во градската администрација.

„За мене, ова е важен чекор кон градење посилен, поотворен и поодговорен систем. Граѓаните заслужуваат институции кои работат чесно, транспарентно и ефикасно, со јасни процедури, поголема отчетност и помалку простор за какви било злоупотреби. Преку оваа соработка, Град Скопје ќе добие експертска техничка поддршка за развој на внатрешни процедури и механизми за превенција од корупција, како и поддршка за јакнење на капацитетите на градската администрација преку специјализирани програми за обука “, посочува градоначалникот на Скопје.

Целта, како што напиша Ѓорѓиевски на социјалните мрежи, е администрацијата уште подобро да ги препознава, спречува и пријавува коруптивните практики.

„Истовремено, ќе работиме на унапредување на транспарентноста преку објавување податоци и јавни информации, како и на дигитализација на услугите, со што ќе ја зголемиме ефикасноста, ќе ја подобриме достапноста за граѓаните и ќе ги намалиме можностите за коруптивни ризици. Овој меморандум опфаќа и зајакнување на соработката меѓу Град Скопје, другите општини, надлежните државни институции, граѓанските организации и медиумите, со цел создавање поцврст систем на интегритет и одговорност, како на локално, така и на национално ниво. Благодарност до НДИ, како и до Швајцарската конфедерација и Шведска за поддршката на овој значаен проект. Продолжуваме да градиме Град Скопје кој функционира чесно, отчетно и во интерес на граѓаните “, посочува градоначалникот  Ѓорѓиевски. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ