четврток, 21 мај 2026

Мицкоски за опозицијата: Ќе бидете политичко минато, успесите на Владата ќе ги гледате само преку малите екрани

ЕСМ веќе вложи жалба на скандалозната одлука на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и очекуваме сега Вишото јавно обвинителство правилно да ги разгледа сите факти и да одлучи според тоа коешто е содржано во жалбата. Да почекаме што ќе одлучи Вишото јавно обвинителство, па потоа да коментираме, одговори Христијан Мицкоски, претседателот на Владата на Македонија, на новинарско прашање за скандалот со мазутот.

Објавено на

часот

Сподели

За средствата од ЕУ за реформската агенда и ставот на опозицијата Мицкоски изјави дека тоа што го говори опозицијата и не заслужува коментар.

„Тој дел ќе го прескокнам. Но, сакам само да ги предупредам македонските граѓани дека како резултат на специфичната атмосфера во опозицијата понекогаш имаме во еден ден различни ставови за една иста тема, а понекогаш дури и тие самите се доведени во ситуација да се демантираат во текот на денот.
Но, фактите се дека од последни во групата Западен Балкан, рековме дека ќе бидеме први. Се зафативме со жестока работа, веднаш по завршувањето на локалните избори и еве веќе во оној јануарски извештај, ние сме први. Сега следи јунскиот извештај на крај од јуни. Имаме интензивна комуникација со господинот Герт Јанг Копман. Работиме на сите портфолија во рамките на Владата и очекувам оваа позиција да ја потврдиме и сега после јунскиот извештај и со овие триесетина, 31 милион коишто се директна буџетска поддршка на крајот од годината, да се доближиме до бројката 100. Директна буџетска поддршка кога на тоа ќе се додадат и финансирањата и средствата предвидени за проекти, таа бројка ќе биде неколку стотици милиони евра и така продолжуваме и во периодот којшто следи.
За сите оние кои се молат да не успее оваа Влада, а на тој начин се молат да не успее и државата и граѓаните, имам лоша вест за нив – ќе мора да сведочат на многу успеси што ги прави оваа Влада. Се сеќавате како ликуваа кога излезе, во за нив омилените бугарски медиуми, она интервју на известувачот Вајц, па ги снема тие глодари да излезат и да го коментираат интервјуто на господинот Вајц, кога јасно кажа дека има реформи кои впрочем со овој извештај и Европската комисија го потврди.
Се сеќавате ни велеа ќе доаѓал бран на мигранти, еве дојде мај месец, ќе помине и мај месец, а тие велеа од април, а нема ни мигрант како резултат на оној договор со Обединетото Кралство.
Се сеќавате минатата година водеа кампања само што не сме банкротирале, а ние денеска велиме дека и покрај сите предизвици во светот и во Европа, имаме успеси во македонската економија. И според растот на бруто домашниот производ сме во првите пет во Европа, колку тоа и да наиде на потсмев кај одредени структури коишто јас ги нарекувам талог на ова општество.
Но како и да е, целта на оваа Влада е да се бори за граѓаните, да го испорачува тоа што го ветила, истовремено да ги исправа сите оние погрешни политики што беа политики на ограбување, политики на грабеж, политики на понижување, себе омаловажување, коленичење. Тие политики оставија голема трага и за жал, ние ќе мора уште некое време да се позанимаваме сето тоа кое беше уништувано седум години од владата на СДСМ и ДУИ да го корегираме и сега сме прилично успешни во тоа.
И затоа имам лоша вест за овие глодари кои сѐ би дале оваа Влада да не успее и Македонија да не успее. Ќе мора да ги гледате успесите на Владата уште долго време, а наскоро и само пред малите екрани, бидејќи ќе бидете политичко минато“, изјави Мицкоски.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ