Дел од тениските работници веќе подолго време изразуваат незадоволство од работењето на Тениската федерација на Македонија, па токму тоа беше поводот за разговор со министерот Борко Ристовски.
Горан Шевченко извршува повеќе функции во Тениската федерација, спортски директор, селектор на машката репрезентација, претседател на Тренерскиот комитет, Комитет за развој, вклучен е во едукацијата на тренери, организацијата на турнири… Дали е нормално едно лице да извршува толку многу функции во една спортска федерација и дали тоа според вас претставува судир на интереси?
„Министерството за спорт, во рамките на своите надлежности, ги следи состојбите во сите национални спортски федерации, вклучително и во Тениската федерација на Македонија. Во однос на прашањата поврзани со организациската поставеност и распределбата на функциите во федерациите, важно е да се нагласи дека секоја федерација има сопствени статути, органи и процедури преку кои ги уредува своето работење и кадровската структура. Сепак, Министерството смета дека принципите на транспарентност, отчетност, професионалност и избегнување на евентуален судир на интереси треба да бидат стандард во функционирањето на секоја спортска организација“.
Поранешните македонски тенисери кои оставиле белег во македонскиот тенис, со години се исклучени од процесите во овој спорт кај нас. Кај нив има незадоволство од начинот на функционирање на Тениската федерација. Сметате ли дека треба да се направи нешто за тие да се вратат таму каде што припаѓаат?
„Во однос на поранешните македонски тенисери и спортски работници кои имаат значаен придонес во развојот на тенисот, ставот на Министерството е дека нивното искуство, знаење и авторитет треба да бидат искористени во интерес на развојот на спортот. Соработката и обединувањето на спортската фела се важни предуслови за напредок и создавање здрава спортска атмосфера“.
Има гласини дека вајлд карти за турнири организирани од Тениската федерација, наместо да бидат дадени на македонски тенисери кои го заслужуваат тоа, биле продавани на странци од страна на Горан Шевченко. Дали сте запознаени со тоа?
„Во врска со наводите за евентуални злоупотреби околу доделување на вајлд карти, Министерството во овој момент нема официјално доставени докази или претставки врз основа на кои би можело да постапува. Доколку до институциите бидат доставени конкретни информации, документи или пријави за евентуални неправилности, тие ќе бидат разгледани согласно законските надлежности и процедури“.
Меѓу тениските работници има незадоволство од односот и начинот на делување на Горан Шевченко кој три децении е на функции во Тениската федерација. Тие обвинуваат дека тенисот во Македонија е без резултати и јасна визија за напредок токму поради луѓето кои работат во федерацијата. Имаме ли потенцијал за подобри резултати во овој спорт?
„Незадоволството што дел од тениските работници го изразуваат во јавноста укажува дека е потребен поширок дијалог за состојбите и идниот развој на македонскиот тенис. Министерството смета дека Македонија има талентирани тенисери и потенцијал за значително подобри резултати, но за тоа се потребни стратешки пристап, квалитетна работа со млади категории, добра организација и взаемна соработка меѓу клубовите и националната федерација“.
Дали Министерството за спорт има механизми да изврши контрола или ревизија во работењето на Тениската федерација доколку постојат сомнежи за неправилности и какви мерки може да преземе?
„Во рамки на своите законски надлежности, Министерството за спорт има механизми за контрола на наменското користење на државните средства и почитувањето на законските обврски од страна на националните спортските федерации. Доколку постојат основани сомнежи за неправилности, можат да бидат иницирани соодветни постапки преку надлежните институции, инспекциски органи и други механизми предвидени со закон“.
Р.Ѓ.






