четврток, 21 мај 2026

Пендаровски: Иднината на демократијата зависи од младите што поставуваат тешки прашања

Во организација на Претседателскиот центар Стево Пендаровски (ПЦСП), денеска во Скопје се одржа јавна дебата во рамки на школата „Ехо на демократијата“, посветена на вештачката интелигенција, граѓанската вклученост и демократските предизвици во Западен Балкан. Настанот, посветен на темата „Темели на демократијата и граѓанска вклученост“, собра истакнати говорници од регионот кои дискутираа за предизвиците и можностите со кои се соочуваат демократските процеси на Западен Балкан, информираа од ПЦПС.

Објавено на

часот

Сподели

Отворајќи ја дебатата, поранешниот претседател Стево Пендаровски истакна дека надежта за иднината лежи во новата генерација која активно се вклучува во општествените процеси.

„Оптимизмот е тоа што една нова генерација избира да се ангажира, да поставува тешки прашања и да гради институции достојни за нивните амбиции. Токму за тоа постојат ваков тип иницијативи и школи како ‘Ехо на демократијата’“, порача Пендаровски.

Во фокусот на дебатата беше и влијанието на вештачката интелигенција врз современата демократија, со посебен акцент на можностите за нејзино користење во насока на поголемо граѓанско учество и поотворени процеси на носење одлуки.

Хана Капетановиќ, водечки истражувач во „Демос“, оцени дека вештачката интелигенција веќе го менува политичкиот пејзаж и дека клучно е овие технологии да се користат за продлабочување, а не за замена на демократското учество.

„Прашањето повеќе не е дали вештачката интелигенција ќе го преобликува нашиот политички пејзаж — таа веќе го прави тоа. Но, во моментов имаме вистинска можност да осигуриме дека овие алатки ќе го продлабочат учеството, наместо да го заменат“, истакна Капетановиќ.

Поранешниот министер за надворешни работи на Србија, Горан Свилановиќ, посочи дека евроатлантската перспектива на регионот зависи од активното учество на граѓаните.

„Триесет години Западен Балкан е на прагот на Европа. Патот напред бара повеќе од политичка волја — бара граѓани кои ја разбираат својата моќ и ја практикуваат“, рече Свилановиќ.

Професорот Ненад Марковиќ од УКИМ предупреди дека политичките митови и наративи претставуваат сериозна пречка за демократската консолидација во регионот.

„Кога ги учиме младите професионалци критички да ги преиспитуваат наративите што го обликуваат политичкото однесување, правиме нешто длабоко радикално — и длабоко неопходно“, нагласи Марковиќ.

Школата „Ехо на демократијата“ е наменета за млади граѓански и политички лидери од Западен Балкан и има цел да ги зајакне нивните знаења, вештини и професионални мрежи за поттикнување демократски промени во регионот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ