петок, 22 мај 2026

Путин: Нуклеарното оружје е крајна мерка

Русија денес достави нуклеарно оружје во магацини во Белорусија и покажа елементи од своите стратегиски нуклеарни сили, во контекст на зголемените тензии со европските членки на НАТО поради војната во Украина и активноста на беспилотните летала во Балтикот, а претседателот Владимир Путин изјави дека употребата на нуклеарно оружје е „крајна мерка“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Москва спроведува една од најголемите нуклеарни вежби во последниве години, во која учествуваат 64.000 луѓе, за обука на силите за „подготовка и употреба на нуклеарните сили во случај на агресија“. Тридневните вежби, кои почнаа завчера низ Русија и Белорусија, ги вклучуваат стратегиските ракетни сили, Северната и Пацифичката флота, авијација со долг дострел и единици од Ленинградскиот и Централниот воен округ.

Како дел од вежбите, Русија претстави нуклеарна подморница со балистички ракети од класата Бореј, противподморнички авион Ил-38, МиГ-31 вооружен со хиперсонична ракета „кинжал“ и интерконтинентални балистички ракети РС-24 „јарс“.

Претседателот Владимир Путин изјави дека употребата на нуклеарно оружје е „крајна мерка“, но ја нагласи важноста од одржување на нуклеарната тријада: копнената, морската и воздушната компоненти, како гарант на суверенитетот и стратешкото одвраќање.

Ракетната единица во Белорусија вежба прием на специјална муниција за мобилниот тактички ракетен систем искандер-М, што вклучува полнење муниција на лансирни возила, објави Русија. Во руските нуклеарни вежби најчесто се користат лажни боеви глави.

Едно видео објавено од Министерството за одбрана покажува воен камион со церада како се движи со минимално обезбедување, додека други прикажуваат нуклеарни подморници, авиони и воени бродови. Вежбите се одржуваат во време кога Москва нагласува дека е во егзистенцијална борба со Западот во Украина.

За време на војната, Путин редовно ја потсетуваше нуклеарната моќ на Русија како предупредување до Западот да не оди предалеку во поддршката на Киев. Украина и некои западни лидери ги оценија ваквите потези како неодговорно тропање со оружје. Москва ги обвинува балтичките земји дека дозволуваат Украина да лета дронови над нивната територија за да ја нападне северна Русија, што НАТО го негира.

Балтичките држави, пак, силни поддржувачи на Украина, возвраќаат дека Русија ги пренасочува украинските дронови во нивниот воздушен простор од нивните цели во Русија. Вчера, Кремљ оцени дека изјавите на шефот на литванската дипломатија се „на граница на лудило“.

Имено, министерот за надворешни работи Кестутис Будрис изјави дека НАТО мора да ѝ покаже на Москва дека е способен да ја пробие руската енклава Калининград. Калининград се наоѓа помеѓу членките на НАТО Литванија и Полска на балтичкиот брег. Има околу еден милион жители, е силно милитаризиран и служи како штаб на руската Балтичка флота.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ