Претседателот Доналд Трамп „не бара од нив да стават на располагање војници или да испратат борбени авиони, но тие одбиваат да сторат што било“, им кажа Рубио на новинарите кратко пред да замине за Шведска, каде што ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во петок.
„Тоа многу нè вознемири“, додаде тој.
„Многу земји-членки на НАТО го делат нашето верување дека Иран не смее да стекне нуклеарно оружје и дека претставува закана за светот“, оцени шефот на амењриканската дипломатија, нагласувајќи дека претседателот Трамп затоа одлучил „да дејствува“.
САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, за што Доналд Трамп претходно не се консултираше со НАТО. Клучните европски сојузници изразија сомнежи за неопходноста од војната, оспорувајќи ги тврдењата на САД и Израел за непосредна иранска нуклеарна закана, особено откако одмаздата на Техеран ги зголеми глобалните цени на нафтата.
Шпанскиот премиер Педро Санчез ја осуди војната како нелегална и им одби дозвола на американските авиони да користат бази во неговата земја.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Иран ги „понижува“ САД во преговорите, што го налути Доналд Трамп, кој најави повлекување на 5.000 американски војници од Германија.
„Секогаш сум бил силен бранител на НАТО во текот на целата моја кариера“, кажа Рубио, поранешен сенатор.
„Знам зошто НАТО е добар за Европа, но зошто е НАТО добар за Америка?“, праша тој, нарекувајќи го „сосема легитимно прашање“.
Министрите за надворешни работи на НАТО се состануваат во четврток и петок во Хелсингборг, јужна Шведска, за да разговараат за поддршката на Украина и да се подготват за следниот самит на алијансата во јули во Турција.






