сабота, 23 мај 2026

Центар за доживотно учење отворен на Филозофскиот факултет во Скопје

Објавено на

часот

Сподели

Центарот беше промовиран на конференцијата „Денови на доживотно учење” на која раководителката на Центарот, Елена Ризова рече дека тој ќе биде мост што ќе ги поврзува универзитетите и променливите потреби на општеството, пазарот на трудот и професионалниот кадар.

„Доживотното учење не нѐ подготвува за живот, туку треба да претставува начин на живот за современиот човек… Процесот на учење не завршува во една фаза од животот, туку подразбира континуиран процес на проширување и збогатување на искуствата на луѓето. Вложувањето во компетенциите, односно во знаењата, вештините и способностите за која било цел, би требало да претставува движечка сила на човекот која ќе го води натаму во животот”, рече Ризова.  

Таа ги наведе целите на Центарот за доживотно учење и неговите активности, меѓу кои меѓународна соработка, консултантска помош на институциите и претпријатијата, семинари за професионален развој, спроведување обуки, модули, курсеви…

Зборувајќи за концептот доживотно учење, проф. д-р Зоран Велковски рече дека Агендата 2030 за одржлив развој во делот за образование (четврта цел) бара од земјите да обезбедат инклузивно правично и квалитетно образование и да промовираат можности за доживотно учење на сите, а посочи и на ставот 10 од Инчонската декларација во кој се изразува посветеност на владите да промовираат квалитетни можности за доживотно учење за сите, во сите средини и на сите нивоа на образование.

Според Велковски, државите, вклучително и нашата, треба да постапуваат во согласност со она на што се обврзале и да ги зголемат буџетите и поддршката за концептот доживотно учење.

„Инчонската декларација ја подигна границата од 15 на 20 проценти на учеството на возрасните во облици на доживотно учење. Кај нас е 2,4, и тоа е многу, многу под она што значи граница”, рече Велковски. 

Според предвидувањата, вели, државите кои не посветуваат внимание на овој концепт ќе бидат помалку способни да се приспособат и променат.

Конференцијата ја отвори ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски кој истакна дека доживотното учење е приоритет на секое општество и економија базирани на знаење и дека уште во 2000 година Лисабонската стратегија го нагласува значењето на човековите ресурси и инвестирањето во образованието, обуката и усовршувања за постигнување економскиот раст, зголемување на конкурентноста на пазарот на трудот и намалување на невработеноста.

 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ