Посакувајќи им на сите наставници добро здравје и уште многу индивидуални и колективни успеси, Царовска наведува дека нашиот нставен кадар е посветен на работата, одговорен и подготвен да реагира кога учениците се засегнати од негативни појави и влијанија и да ги одржи на вистинскиот пат за остварување на очекуваните резултати од учењето, како би биле подготвени за живеење и работа во новиот свет на 21 век.
Посочува дека партнерски работи со наставниците на крупните промени за подобро образование, а и дека е потребна целосна сплотеност во општеството за ги поддржиме нивните напори, да ги охрабриме и уште повеќе мотивираме за ефикасно и ефективно исполнување на секојдневните обврски кои, како што вели, „за волја на вистината, многу често не им завршуваат со завршување на часовите во училиштето”.
„Уверувам дека актуелната Влада е и ќе продолжи да биде вистински предводник на процесот за подигнување на достоинството на наставниците. Повисоки плати, повеќе можности за кариерен и професионален развој и подобри услови за работа беа целите на кои бевме посветени во изминатите неколку години и ќе бидеме уште повеќе во периодот пред нас. Успеавме да ги зголемиме нивните плати за над 21 процент, да обезбедиме можности да напредуваат во звања и за тоа да добиваат повисоки месечни приходи како додаток на плата, да ги подобриме условите во кои работат преку инвестиции во инфраструктурата и во набавка и модернизација на опремата и нагледните средства за поедноставен, а сепак поквалитетен наставен процес“, наведува Царовска.
Додава и дека наскоро ќе има значајни измени на Законот за наставниците и стручните соработници во основните училишта, кој е заглавен во Собранието.
„Иако во моментов постојат политички субјекти кои се противат на неговото усвојување без никаква оправдана причина, туку од чиста политичка побуда, сигурна сум дека ќе постигнеме целосна политичка согласност и ќе ги усвоиме, овозможувајќи им на наставниците полесно да се вработуваат во училиштата, оние кои работат со договори на определено, да добијат трајни решенија и економска и правна сигурност, да почне редовното исплаќање на додатоците на плата кои ги заслужуваат, но исплатата не е правно регулирана, а платата да им се зголемува континуирано со секое зголемување на минималната плата“, истакнува министерката за образование и наука.
Лично и во име на МОН и Владата, Царовска им се заблагодарува на просветните работници што ги едуцираат децата, со порака да продолжат да ги мотивираат критички да размислуваат, да ја развиваат нивната креативност и иновативност.
„Во меѓувреме, вложувајте во себе и користете ги можностите кои ги создаваме за вас. Драго ни е што ве имаме за сојузници и верувам дека така ќе продолжи да биде. Затоа што само заедно можеме да го направиме образованието поквалитетно, да им овозможиме на децата иднина каква што заслужуваат, а на државата развој во посакувана насока“, порачува Царовска по повод Светскиот ден на наставникот.






