Компанијата на Илон Маск ќе тргува под симболот SPCX, а во проспектот од 277 страници презентираше претходно непознати податоци за приходите, загубите, трошоците и работењето.
Колку пари ќе собере Спејсекс и каква ќе биде проценетата вредност на компанијата сè уште не е објавено. Се очекува дека тоа би можело да биде најголемата иницијална јавна понуда (ИПО) во историјата.
Минатата година Спејсекс оствари приход од 18,7 милијарди долари (околу 17,2 милијарди евра), што е раст од 33 проценти во споредба со претходната година. Но, компанијата повторно работи со голема загуба.
По профитот од 791 милион долари во 2024 година, Спејсекс ја заврши 2025 година со загуба од 4,9 милијарди долари (околу 4,5 милијарди евра). Една година претходно, изгуби 4,6 милијарди долари.
Во првите три месеци од оваа година, компанијата веќе изгуби 4,3 милијарди долари со приход од 4,7 милијарди долари.
Голем дел од трошоците отпаѓаат на вештачката интелигенција. Спејсекс потроши 20,7 милијарди долари минатата година, од кои 12,7 милијарди беа потрошени на инфраструктура за вештачка интелигенција. 4,2 милијарди долари отидоа на Старлинк, а 3,8 милијарди на ракети и други вселенски проекти.
Во проспектот, Спејсекс наведува дека нејзината цел е „да изгради системи и технологии потребни за животот да стане мултипланетарен“.
Компанијата планира да продолжи брзо да лансира сателити Старлинк и да развива вештачка интелигенција и инфраструктура за центри за податоци во вселената.
Спексекс тврди дека вкупниот пазар на кој се таргетира вреди дури 28,5 трилиони долари. Меѓу нив се комуникациски услуги, вселенски технологии и апликации за вештачка интелигенција.
Објавени се и информации за менаџментот на компанијата. Илон Маск е претседател на одборот, а меѓу директорите се претседателот и главен оперативен директор Гвин Шотвел, финансискиот директор Брет Џонсен и неколку инвеститори и менаџери од технолошкиот сектор.
Маск контролира 85,1 процент од правата на глас во компанијата благодарение на посебната структура на акциите, што значи дека дури и по првичната јавна понуда, тој ќе ја задржи клучната контрола врз Спејсекс.
Компанијата објави и дека Маск од 2019 година добива годишна плата од 54.080 долари.
Но, преку посебен систем на наградување, тој би можел да добие стотици милиони дополнителни акции ако компанијата достигне огромни пазарни вредности и ги исполни амбициозните цели, вклучително и воспоставување постојана човечка колонија на Марс со најмалку еден милион жители.






