„Беше одлучено дека некои други датуми би биле посоодветни, додека (украинскиот вицепремиер Тарас) Качка засега ќе патува таму за да се подготви теренот за одредени прашања“, кажа Литвин како одговор на прашањето за медиумските шпекулации со посета на Зеленски на Србија.
Претходно српската телевизија Н1, повикувајќи се на извори од Белград, објави дека пристигнување на украинска делегација во Србија се очекува подоцна оваа недела, и дека би можел да ја предводи самиот Зеленски. Меѓутоа, украински медиуми подоцна објавија дека Тарас Качка, потпретседателот на украинската влада за европска и евроатлантска интеграција, би требало да отпатува во Белград.
Вучиќ и Зеленски разговарале по телефон вчера, а потоа Зеленски потврди дека Тарас Качка ќе ја предводи украинската делегација. Српскиот претседател Александар Вучиќ го опиша нивниот разговор како „отворен и конструктивен“. Односите меѓу Киев и Белград долго време се сложени поради традиционално пријателство на Србија и Русија.






