Правниот центар за правата на арапските малцинства во Израел (Адала) објави дека сите активисти се во транзит кон цивилен аеродром недалеку од јужниот израелски град Еилат, од каде што ќе бидат депортирани.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху вчера изјави дека наредил активистите да бидат депортирани „што е можно поскоро“.
Нетанјаху и властите на други земји вчера го критикуваа израелскиот министер за државна безбедност Итамар Бен-Гвир за видеото во кое тој се потсмева на притворените активисти на меѓународната хуманитарна флотила Сумуд.
Тој им порача дека би требало да бидат казнети со долготраен затвор.
Флотилата за Појасот Газа, која во април тргна од Шпанија, се обиде да ја пробие израелската блокада. Израелската морнарица ги спречи во тоа и уапси 430 активисти.
Организаторите на флотилата изјавија дека активистите од повеќе од 40 земји кои учествувале во мисијата биле „подложени на насилно малтретирање бидејќи биле нелегално киднапирани среде море“ додека се обидувале да ја заобиколат блокадата.
Формално, интервенцијата на израелската морнарица и полиција во меѓународни води против флотилата е нелегална, спротивно на меѓународното поморско право.






