четврток, 21 мај 2026

Германскиот канцелар предлага забрзана интеграција на Западен Балкан во ЕУ

Германскиот канцелар Фридрих Мерц оцени дека процесот на проширување на Европската Унија трае предолго иако е геополитичка нужност, и предложи интеграцијата на Западен Балкан и Молдавија да се забрза со иновативни решенија, а за Украина предложи и придружно членство во Унијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во писмо упатено до претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен, и Никос Христодулидис, претседателот на Кипар кој претседава со Советот на ЕУ, Мерц нагласи дека ЕУ треба да остане посветена на ветувањето дека земјите од Западен Балкан и Молдавија можат да се приклучат кон ЕУ.

„Предлагам да најдеме иновативни решенија и за оние кандидати кои долго време се подготвуваат за членство и да го забрзаме нивниот процес на пристапување“, пишува Мерц во писмото испратено на 18 мај, кое беше објавено денес.

Како пример за такви решенија, тој ги наведе привилегираниот пристап до единствениот пазар на ЕУ и поблиските врски со европските институции при донесувањето на секојдневните одлуки.

Ова, наведува тој, може да се постигне со „доделување статус на набљудувач на земјите од Западен Балкан во сите релевантни институции на ЕУ и одржување заеднички седници на Европската комисија и Европскиот парламент со претставници на земјите од Западен Балкан за сите прашања директно поврзани со тој регион“.

Постепената интеграција може да се постигне со „фазни чекори“ кои би биле основа за целосна интеграција во одредени области од политиката на ЕУ и би биле придружени со зголемена поддршка за примена на законодавството на ЕУ во тие области, според писмото на германскиот канцелар.

„Сето ова би можело значително да ги приближи земјите-кандидатки до ЕУ и да создаде нова амбиција за спроведување на дополнителни реформи потребни за полноправно членство“, оцени Мерц.

Што се однесува до Украина, Мерц оцени дека, имајќи ја предвид одбраната на Киев од руската агресија, јасно е дека процесот на преговори со ЕУ нема да биде завршен толку брзо и затоа ЕУ мора да дејствува многу побрзо со „иновативни решенија“.

„Затоа мислам дека треба веднаш и без одлагање формално да ги отвориме сите преговарачки поглавја“ со Украина, смета Мерц и предложи да се разгледа неговата идеја за „придружно членство“.

„Мојата идеја е да се преземе уникатен чекор за вклучување на Украина во битието и структурите на ЕУ, имајќи ја предвид ситуацијата во која е турната“, пишува Мерц.

Објаснето е дека таквиот статус на придружен член би значел дека Украина може да учествува на состаноците на Европскиот совет и Советот на ЕУ, но без право на глас.

Според Мерц, на Украина треба да ѝ се даде право да учествува во работата на Европската комисија, но без ресор и право на глас, како и придружно членство во Европскиот парламент, исто така без право на глас. Таа би имала слично придружно членство во Европскиот суд на правдата.

Буџетот на ЕУ не би важел веднаш во целост за Украина, туку во форма на контролирани програми во зависност од напредокот на земјата, а ќе постои и политички механизам што ќе ги поништи сите овие придобивки во случај на сериозно назадување од страна на Киев во областа на основните вредности на ЕУ или во преговорите, предложи Мерц.

Германскиот канцелар оцени и дека, со целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Украина ќе добие „суштинска безбедносна гаранција“ преку клаузулата 42 за меѓусебна помош.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ