Министерството за здравство во анализата која ја објави денеска напоменува дека за вакцинирани се сметаат лицата кои се вакцинирани со две дози и поминале најмалку 14 дена од примање на втора доза вакцина.
„Голем е бројот на невакцинирани граѓани кои се заразиле со ковид-19. Според статистика за изминативе два месеци, 28.856, граѓани, односно 76% од позитивните на ковид-19 не биле вакцинирани. Процентот на хоспитализирани лица кои се невакцинирани изнесува 81%, додека само 19% од сите моментално хоспитализирани пациенти се целосно вакцинирани. Смртноста кај невакцинираните е драстично поголема, покажува анализата. Во период од 6 август до 7 октомври на територија на државата починале 1.277 пациенти со ковид-19, 1.070 пациенти од починатите,односно 84% не биле вакцинирани, а само 16%, односно 207 примиле вакцина. Според анализите починатите имале повеќе комбинирани хронични заболувања. Пациентите биле вакцинирани со сите типови вакцини кои ги има на располагање кај нас“, соопштува Министерството за здравство.
Од министерството укажуваат на важноста на вакцинација. „Секоја вакцина која ја имаме на располагање е безбедна. Апелираме граѓаните да се вакцинираат, само така ќе дојдеме до колективен имунитет и ќе спречиме ширење на мутации на СарсКов2“, се вели на крајот од соопштението.






