„Оваа билатерална средба претставува потврда за силниот интерес на Луксембург за Западен Балкан, како и за стратешката определба на нашата држава за интеграција во европското семејство и придонесот кон регионалната стабилност, безбедност и мир.
Двајцата министри ги поздравија одличните пријателски односи меѓу двете земји и изразија заедничка заложба за интензивирање на политичкиот дијалог во наредниот период. Разговараа и за потенцијалите за унапредување на билатералната соработка, со посебен акцент на економските и трговските односи, во насока на искористување на можностите за нови инвестиции.
Министерот Муцунски упати благодарност за поддршката од Европската Унија по трагедијата во Кочани, како и за континуираната и силна луксембуршка поддршка за европската перспектива на нашата земја, која се манифестира и преку поддршката на реформските процеси, техничката и експертската помош.
На средбата беше потенциран и прогресот што државата го има постигнато во спроведувањето на реформите како и напорите државата да остане предводник во исполнување на реформската агенда. Министерот за надворешни и европски прашања, Гзавие Бетел, ја потврди подготвеноста и поддршката на Луксембург за натамошно придвижување на процесот на интеграција на нашата држава во ЕУ“, соопшти МНР.